Странското влијание ја прави Македонија ранлива на дезинформации и хибридни закани

Терминот СММИ (Странско мешање и манипулација со информации) сè почесто се споменува како сериозен предизвик за демократскиот развој на Македонија.

Станува збор за различни форми на политички, економски и медиумски притисоци кои доаѓаат од странски центри на моќ и имаат за цел да ја обликуваат јавната перцепција и да влијаат врз носењето одлуки.

Македонија, држава со кревки институции и сè уште недоволно отпорен медиумски систем, е особено подложна на ваквите влијанија.

Токму затоа прашањето за СММИ не е само теоретски концепт, туку реалност што директно влијае врз политиката, медиумите и секојдневниот живот на граѓаните.

Според уредникот на платформата за верификација „Вистиномер“ Владимир Петрески, опасноста на СММИ е подлабока од класичните дезинформации и доаѓа главно од авторитарни центри на моќ.

Тој оценува дека целта на ваквите активности е да се разниша јавната доверба, да се продлабочат внатрешните поделби и да се одврати земјата од патот кон евроатлантските интеграции.

„Најмногу дезинформации кои можат да паднат под штетни странски влијанија потекнуваат од држави во кои што авторитарни лидери сакаат да ја задржат моќта и да ја спроведуваат недемократската политика без последици“, вели Петрески.

Тој смета дека дезинформациите често се само еден инструмент од поширок арсенал кој вклучува и хибридни операции — од лажни закани до организирани напади врз меѓуетничките односи.

Петрески посочи примери кои, како што рече, не се изолирани.

„Серијата лажни пријави за бомби во училишта која се прошири низ Источна Европа и во земјава каде целта е да се крене паника, да се намали довербата во системот и да се сее страв“, рече тој.

Петрески исто така ги спомена и злоупотребите во рамките на билатералните спорови — како случаите поврзани со Бугарија, каде, според него се користат термини како ‚фашистички окупатор‘ со цел да се продлабочи јазот помеѓу Македонија и Бугарија.

Во контекстот на ширењето на наративите за „руски“ или српски свет“, Петрески ги опиша тие феномени како дел од „империјални желби“ кои бараат повторно градење на сфери на влијание над поранешни територии, со примери како Украина и Молдавија.

„Целта е да се тргнеме од патот кон ЕУ и НАТО и да се креираат во земјата поделби, страв, бес, меѓусебна омраза“, предупредува тој, додавајќи дека наративите често се исти — омаловажување на европските институции и претставување на Западот во негативен и екстремен контекст.

За одбрана од овие закани Петрески предлага конкретни мерки.

„Прво, Владата треба да креира сет на политики и да преземе се што е неопходно институциите да можат да дејствуваат кога ќе има вакви дезинформации и хибридни напади. Второ, треба да се смислат стратегии за реагирање особено кога има дезинформации на социјалните мрежи, кога тие знаат да бидат вирални и да се шират“, дециден е Петрески.

Тој ја истакнува и потребата од инвестиции во медиумската писменост: обуки за сите слоеви од општеството и засилено изучување во образовниот систем.

Петрески го нагласува и значењето на проверката на фактите.

„Во медиумската сфера, потребна ни е проверка на фактите и потребно ни е многу брзо да објасниме за што станува збор, да се знае што е точно, а што не.“

Тој апелира до институциите и до граѓаните за побрза и поефикасна реакција бидејќи, како што вели, без координиран одговор и јак јавен отпор, штетните странски влијанија лесно ќе најдат плодна почва.

Македонија е изложена на координирани странски влијанија

Странските влијанија врз Македонија се појавуваат во најразлични форми – политички, економски, културни, па сè до медиумски, оценува новинарот Горан Лефков. Според него, тие често се координирани и имаат за цел да предизвикаат тензии и недоверба во институциите.

„Секакви форми на странско влијание може да се најдат во Македонија. Некогаш дури тие се и координирани помеѓу себе“, вели Лефков.

Како најчести канали преку кои странските актери влијаат врз јавното мислење, Лефков ги издвојува медиумите, религиозните организации и образовните институции.

„Руското влијание најчесто оди преку ширење лажни вести и пропаганда, често и преку официјални дипломатски канали. Српското се движи низ слични патишта, турското е насочено преку религиозни организации, а Кина главно го користеше постоечкото руско влијание за ширење економска пропаганда,“ објаснува тој.

Главните извори на вакви мешања, според Лефков, се Русија, Србија, Турција и Кина, но влијанија има и од Иран, Унгарија и Израел.

„Русија често користи тактики како лажни дојави за бомби, подметнување пожари и ширење на дезинформации за да создаде паника и недоверба во системот,“ додава тој.

Како примери за странско мешање, Лефков ги наведува серијата лажни бомби во училиштата, шумските пожари, но и настаните на 27 април 2017 година.

„Тоа беше координирана акција помеѓу руски и српски служби,“ тврди новинарот.

Лефков предупредува дека граѓаните не се доволно свесни за овие закани, но и дека тоа не може да биде нивна примарна одговорност.

„Не треба тие да бидат експерти за ова, туку службите да ги разоткријат тие групи и навреме да ја информираат јавноста,“ вели тој.

Во однос на политичките партии, Лефков посочува дека некои структури свесно работеле во насока на поддршка на туѓи интереси.

„Имаме партии како Левица и Единствена Македонија кои и не се кријат дека промовираат руско и кинеско влијание. Во албанскиот табор партијата БЕСА во еден момент отворено беше на турска страна,“ вели Лефков.

Решението, според него, лежи во комбинација од институционални мерки и подигнување на јавната свест.

„Граѓаните треба да имаат поголеми вештини за препознавање на пропаганди и поголема медиумска писменост. Нивна обврска е да пријавуваат сомнителни содржини, а останатото мора да го сработат безбедносните служби и институциите,“ заклучува Лефков.

Општествените чинители немаат желба за решавање на ова прашање

Според студијата објавена од страна на Институтот за комуникациски студии, странското мешање и манипулирање со информации не е изолиран феномен, туку дел од пошироки хибридни стратегии, кои комбинираат дезинформација, геополитички наративи и сајбер-операции за да се обликуваат јавното мислење и политичките одлуки.

Во контекст на капацитетот кои нашите институции го покажуваат во борба со овој феномен, студијата покажува дека институциите се сè уште во рана фаза во однос на целосно разбирање и ефективно справување со СММИ.

„Свеста кај политичките претставници за заканата од СММИ е само декларативна. Институционалните претставници ја препознаваат заканата, често како дел од хибридните закани. За жал, во пракса, има многу малку што може да се искористи за реално да се измери дали свеста за заканата е на соодветно ниво.

На пример, додека во нивните говори на јавни настани, политичките претставници со право ја препознаваат заканата, во пракса може да се види многу малку акција за нејзино спротивставување. Нема податоци за средствата од државниот буџет за градење капацитети за справување со овој предизвик. Наместо тоа, сите активности за обука и зајакнување на капацитетите се одвиваат со финансирање од донатори“, се наведува во студијата.

Иако постојат формални механизми и институции што, според законите и другата регулатива, се одговорни за заштита од ваквите закани, нивниот реален капацитет да се спротивстават на координирани дезинформациски кампањи останува загрижувачки низок. Дополнителен проблем е недостатокот на назначувања засновани на заслуги во јавниот сектор.

„АНБ, МВР, АР, Воената служба, поточно Секторот за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), реагираат на странско мешање и манипулирање со информации на ад хок основа, без единствена, централизирана стратегија што би овозможила ефикасен, координиран одговор“, стои во студијата.

Странското влијание со дезинформации, како и секаде, има посебна тежина и врз изборните процеси.

Во студијата се препорачува Државната изборна комисија (ДИК), која е одговорна за транспарентноста на изборниот процес, да ги подобри капацитетите за мониторинг на дигиталното мешање во изборите.

„Во најлош случај, странските актери би можеле неказнето да шират лажни информации за изборни процеси, да користат ботовски мрежи за дискредитација на одредени кандидати, па дури и да влијаат врз изборните резултати преку кампањи наменети за одвраќање на гласачите. Во овој контекст вреди да се спомене и тоа дека онлајн-портали регистрирани во странство можат да добиваат средства за политичките кампањи во земјата“, се наведува во оваа студија.

Во овој контекст се додава дека суштинскиот проблем лежи во недостигот од координација и политичка волја за сеопфатен пристап кон решавање на ова прашање.

Уште една слабост е отсуството на повеќе и позачестени институционални иницијативи за зголемување на јавната свест за странското мешање и манипулирање со информации и на информациската и медиумската писменост на населението.

Институцијата што има законски мандат да ја промовира медиумската писменост преку соработка со граѓански организации, образовни институции, медиуми и институции е ААВМУ.

„Ако институциите немаат сеопфатен пристап кон борбата против дезинформациите и задолжување орган што ќе ги координира сите државни актери, ако не се зајакнат институциите за следење и неутрализирање на СММИ, ако не се зголеми соработката со ЕУ и НАТО по однос на ова прашање, но и ако не се унапредат медиумската и информациската писменост, државата ќе остане ранлива на странски информативни манипулации, што долгорочно може да ја поткопа не само демократијата, туку и националната безбедност“, стои во студијата.

Кристијан Трајчов

Фото: Томислав Георгиев

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ