Информацијата дека Велика Британија наводно ќе ѝ плаќа на Македонија за да згрижува мигранти предизвика силни реакции во јавноста и повторно ја отвори дебатата за тоа колку државата е подготвена да се справи со чувствителни безбедносни прашања. Објавите во британските медиуми, кои упатуваат на можен договор меѓу двете земји, ги подгреаја сомнежите, а институциите сè уште не понудија јасен и деталeн одговор за тоа дали таква соработка навистина постои или станува збор за погрешно интерпретирани информации. Во меѓувреме, јавноста внимателно ги следи реакциите – или молкот – на политичките актери, барајќи транспарентност околу прашањето што директно ја засега националната безбедност.
Поранешниот национален координатор за гранично управување, проф. Владимир Пивоваров, анализира што точно било пренесено од страна на британските медиуми, колку сериозни се безбедносните импликации и зошто смета дека државата мора итно и транспарентно да реагира.
Г-дин Пивоваров, во јавноста се појавија наводи дека Велика Британија ќе ѝ плаќа на Македонија за да згрижува мигранти. Како гледате на таквите објави на британските медиуми?
Сите аргументи укажуваат на тоа дека ова е веќе завршена работа и дека двете земји договориле да се донесат мигранти во Македонија. Погледнете ги изјавите на функционерите на Владата на Велика Британија – дали тие лажат? Нормално, ако лажат, нашиот премиер треба да упати протесна нота до нивната амбасада. Ако веќе го негираат ова, тогаш треба да испратат демант до новинарските куќи што ја креирале информацијата. Не сме свесни дека државата можеме да си ја изгубиме ако вака продолжиме.
Дали сметате дека реакцијата на македонските институции е соодветна?
Не. Националната безбедност е најважното нешто за една држава. Колку и да ви даваат пари, ако тоа ви е нарушено – тогаш имаме проблем. Македонските институции мораат многу посериозно да им пристапат на ваквите информации. Игнорирањето не е одговор.
Често нагласувате дека проблемот со мигрантите во Британија произлегува и од безбедносни слабости. На што конкретно мислите?
Корупцијата на поморските власти и царинските службеници доведе до тоа Англија да има голем проблем со мигрантите. Луѓето што патуваат по Балканската рута – во 99% од случаите – сакаат да стигнат до високо развиените западноевропски земји. Нашите безбедносни предизвици и нивните воопшто не се исти.
Како Македонија досега се справувала со транзитот на мигранти?
Порано тие лица ги смествувавме во бегалскиот камп во Гевгелија. Од таму имаа слободно движење, а следната рута им беше кампот Табановце. Таму добиваа одредена помош и продолжуваа кон европските земји. Тоа беше реалноста. А реалност беше и дека уште тогаш требаше да има заедничка политика на ЕУ за бегалската криза.
Споменавте дека треба да се направи СВОТ анализа. Што би покажала таа?
СВОТ анализата е метод на стратешко планирање: се гледаат прво силните страни, потоа слабите, па се носи проценка. Во оваа ситуација, единствена силна страна можат да бидат финансиските средства што би ги добила државата. Но тие финансии апсолутно не можат да ги покријат слабите страни.
Имаме пример во Косово: бегалскиот камп во Приштина, изграден во близина на градот, постои веќе четири години, а криминалот таму – убиства, грабежи, силувања, разбојништва – е зголемен за 300%. Тоа значи дека таа категорија луѓе нема исти цивилизациски вредности и културолошки сфаќања како населението во Европа, вклучително и нашата земја. Ако Англија не може да ги интегрира, како ние би можеле?
Во јавноста веќе се чувствува загриженост. Како државата треба да постапи ако навистина постои ваков договор?
Се гледа нервоза кај граѓаните, се гледа можен страв. Ако навистина се случува тоа што го објавуваат англиските медиуми, мислам дека не треба да има петиции или препукувања по социјалните мрежи. Пратениците во Парламентот треба да се сложат да се распише референдум. Да знаеме што сакаат граѓаните – и на тоа да се базира конечната одлука.
Кристијан Трајчов





