Стаса веста која најмалку се очекуваше! Младиот Стивен Ивановски, по кој неколку дена се трагаше и сите надежи беа дека , сепак, е преживеан, за жал е меѓу загинатите во пожарот во Швајцарија.
Неговото семејство и пријатели упатуваа апел за помош да се пронајде момчето, кое последен пат е видено за време на пожарот што избувна на 31 декември во барот „Ле Констелејшн“ (la Constellation) во познатиот зимски центар Кран-Монтана.
Неговото семејство е по потекло од делчевското село Ѕвегор, но одамна се иселиле во Швајцарија.
Неговото тело е идентификувано врз основа на ДНК анализа. Информацијата за МИА ја потврдија и од македонската Влада.
– Има потврда од Берн, телото е идентификувано. За жал, станува збор за починато лице. Член на семејството потврдило согласно ДНК. изразуваме длабоко жалење и сочувство, велат од Владата.
Ивановски се водеше за исчезнат по пожарот во дискотеката во Кран Монтана, а неговото семејство преку социјалните мрежи бараше помош за негово пронаоѓање.
Во пожарот, според швајцарските медиуми, загинаа 40 луѓе, а над 100 се повредени.
И Македонија понуди помош за лекување на повредените во пожарот.




