Тромбоните за Филип! Концерт во Штип во чест на Филип Стевановски

Макбрас Асоцијација и Скопскиот Брас Фестивал го најавуваат меморијалниот концерт кој ќе се одржи во сабота, 18.10.2025 во народниот театар во Штип, посветен на прерано загинатиот колега и пријател Филип Стевановски чиј живот згасна во пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани.

На концертот ќе настапат квартетот тромбони „Макбрас” како и истоимениот тромбонски ансамбл составен од 12 тромбонисти, меѓу кои и легендарниот македонски тромбонист Кирил Рибарски во чија класа Филип дипломираше на факултетот „Гоце Делчев” во Штип како и реномираниот професор во пензија, професор Ташко Тодоров во чија класа Филип го заврши средното музичко образование. Покрај нив, на овој концерт како дел од ансамблот ќе настапат Владан Дробицки, Бранко Илиевски, Филип Богоевски Никола Ристевски, Виктор Богоевски, Никола Стојановски, Алек Ѓорѓиев, Лука Костовски на тромбон и Александар Ниниќ и Виктор Грижев на туба. Идеата за овој концерт е истиот да стане традиција, во чест на Филип како еден од најсестраните млади музичари и тромбонисти во Македонија.

-Филип беше музичар кој подеднакво виртуозно музицираше на пијаното и тромбонот, а позади себе има оставено бројни видео и аудио записи на авторски изведби и композиции, а освен како музичар, делува во будењето на културниот живот и покренува неколку иницијативи во Штип и Куманово како „Куманово Џез Фестивал”, детскиот фестивал „Весело Штурче”, иницијатива за возобновување на диксиленд оркестар и биг бенд во Штип и многу други културни активности, велат од организацијата.

На програмата ќе бидат изведени познати џез композиции во првиот дел од концертот, а во вториот дел пак ќе бидат изведени пет авторски композиции на Филип Стевановски, аранжирани специјално за овој концерт од Владимир Ботев.

Благодарност до Миннистерството за култура и туризам на Македонија што го поддржа овој настан како дел од Скопскиот Брас Фестивал, како и до Народниот театар во Штип и семејството Стевановски, без чија поддршка овој концерт немаше да се случи.

Влезот е слободен, а концертот е од хуманитарен карактер и ќе бидат оставени кутии за донации за семејствата на настраданите од пожарот во Кочани.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ