ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Зголемена локална транспарентност

Туристички Дојран – град без јавен превоз

today28/12/2018 56

Background

Туристички Дојран има дирекна автобуска линија само до три градови во државата, а такси превозот е луксуз- ако се најде. Граѓаните се жалат дека одењето до поголемиот град Струмица на преглед во болница,  ги чини минимум 1000 денари. Општината Стар Дојран одговорноста ја префрла на државата.

Секое утро е нова борба, а за дојранци во дневната борба за преживувачка е пресметана и потребата од редовни автобуски линии кои би им овозможиле пристојно да си ги остварат здравствените, економските, работничките, образовните права.

Одењето до болница, банка или некое министерство и државна институција со јавен превоз, во ова населено место се уште е горливо прашање со кое жителите секојдневно се среќаваат.

Директна линија до Струмица која е и најголемиот, а најблизок здравствен и економски центар во Југоистокот не постои, врската со Валандово е сведена на само една линија за поаѓање која е во раните утрински часови и една за враќање во доцните попладневни часови, односно разликата меѓу двата термини е речиси 12 часа.

Со Гевгелија и Богданци, Дојран е нешто подобро поврзан преку неколку термини за одење и враќање, кои сепак се ограничувачки и најмногу им одговараат на оние кои се вработени во еден од двата града.

Општината Дојран во своите рамки нема поликлиника, болница, нема редовна Брза помош, нема банка, ниту било каква државна институција, а нема ни средно училиште, така што гравитирањето на дојранци кон околните градови е неопходно.

Што велат граѓаните

Непостоење на автобуска линија до соседен град и тоа како е проблем за жителите од сите населени места на Дојран.

Дојран нема никаква релација со Струмица. И да се снајдеш со некој превоз до таму, потоа ако сакаш да се вратиш назад, ќе стигнеш само до Валандово. Треба такси да фаќаш, а тоа не е во состојба секој да го прави. Таксистите под 500 денари не те носат од Валандово до Дојран, а минимум 1000 денари ќе ти отидат ако одиш до Струмица – вели постар жител на општината.

Покрај овој проблем, жителите на Дојран посочуваат дека и внатре во самата општина нема добра поврзаност со автобуски линии од едно до друго населено место.

– Пред се, отцепени се Стар од Нов Дојран без редовна автобуска линија, а тоа е посебно проблем за оние кои се вработени и немаат со што наутро да стигнат до работното место – вели жителка на новиот дел на Дојран која со години работи во Стар Дојран.

Забелешки за превозот има и за скопската линија, која по заобиколна релација го поврзува ова туристичко гратче со главниот град, па наместо да се стигне во Дојран за  нешто повеќе од 2 часа колку што е реалното време за патување, возењето е продолжено на 3 ипол, па дури и 4 часа.

И централната и локалната власт се вадат од одговорност

Законот за патен сообраќај пропишува како се организира автобускиот превоз од едно до друго населено место, но и покрај тоа проблемите на терен остануваат.

Локалните власти велат дека добиваат барања од жителите за воведување дополнителни автобуски линии, но многу малку можеле да направат по тоа прашање.

– Како локална самоуправа многу малку можеме директно да придонесеме за зголемување на автобуските линии. Тоа е директно под надлежност на Министерството за транспорт и врски, и најмногу зависи од интересот и економската оправданост на воведување нови линии – велат од општината.

За да се подобрат состојбите, според локалните власти, неопходно е отварање на автобуска станица.

– Тоа го увидовме уште на почетокот и во рамки на нашите надлежности превземавме активности, најпрвин за формирање на градежна парцела за автобуска станица, понатаму за инвеститор. Во текот на месец мај, издадовме одобрение за градба на автобуска станица, чија изградба ќе почне наскоро и се надеваме дека со отварањето ќе придонесе за подобрување на поврзаноста на Дојран со автобуски линии со останатите градови во Македонија – се вели во одговорот од општина Дојран.

Во Министерството за транспорт и врски со воздржан став околу тоа во чии раце лежи решавање на проблемот на жителите на Дојран.

– Начинот на определување на линиите за меѓуградскиот превоз на патници е регулиран со Законот за превоз во патниот сообраќај и според него за нови автобуски линии или за промена на постоечките се аплицира електронски еднаш годишно и тоа во месец мај во тековна година. При тоа, превозниците аплицираат за возен ред кој самите тие го предлагаат, а Министерството нема однапред утврдена мрежа на линии со утврдени времиња на поаѓање – велат од Одделението за односи со јавност.

Според надлежните, од апликацијата на превозниците зависи дали тие ќе побараат една или повеќе линии за конкретна релација и дали тие линии ќе бидат директни или со повеќе попатни станици, а надлежност на Министерството е само да проверува дали се аплицира според законите.

Нелојалната конкуренција пречка за подобар автобуски превоз

Сепак, превозниците не го тврдат токму тоа, но посочуваат дека и централните и локалните власти и тоа како може да учествуваат во подобрување на услугата за превоз која им се нуди на граѓаните.

– Еден основен проблем е големиот наплив на диви превозници, односно диви таксисти. Често пати нашите колеги од фирмите превозници од овој регион реагираат дека на редовна линија која тие ја имаат добиено возат диви таксисти кои им ги земаат патниците и никој тоа не го санкционира. Од нас бараат секакви давачки, меѓу другото и да сме фискализирани, а таксистите возат на диво. Во однос на тоа да се има повеќе автобуски линии и повеќе термини за нив, што е проблем во случајот со Дојран, има примери како тоа други општини го решиле, согласно Законот за патен сообраќај. На пример општина Долнени Кривогаштани е поврзана со Прилеп, или Центар Жупа со Маврово, Куманово со Старо Нагоричане, значи се работи за општини со мал број на жители, а сепак имаат редовни автобуски линии кои најчесто се субвенционирани на локално ниво – вели Горан Трпковски од Асоцијација на здруженија на превозници Исток.

Генерално, смета Трпковски, превозниците не наоѓаат разбирање од општинарите, а токму општините се мајка и татко на граѓаните и треба да се залагаат за подобрување на услугите за жителите.

Локалните превозници без амбиции за повеќе линии

„Амиго компани“ од Негорци, еден од локалните превозници од Југоистокот, со дел од автобуските линии го покрива и Дојран на релација со Гевгелија. Сопственикот на фирмата, Николче Димчев, вели дека со превоз се занимава од 1996 година. Вели дека бројот на линии и термини засега се задоволителни, а како најголем проблем во превозот ја посочува нелојалната конкуренција која ја создаваат дивите таксисти со тоа што им ги преземаат патниците по цена од автобуска карта.

– Мислам дека со Гевгелија моментално Дојран е најдобро поврзан, во споредба со минатите години. Од друга страна од Дојран за Струмица преку годината нема автобуски превоз, освен во летниот период, и за Валандово, една или две линии кои всушност се за Скопје, а не се директни линии.

До нас досега не стигнало барање за повеќе линии, но и да стигне, ако нема заинтересиран превозник не знам како би се решило тоа – вели Димчев.

Ако се сака се се може, па така и локалните власти и останатите надлежни доколку сакаат можат да ги решат проблемите со превозот, смета превозникот.

Заклучокот останува – малиот број на жители, а со тоа и економски неоправдани линии, незаинтересираност на превозниците да понудат повеќе директни линии до соседните градови, неажурност на државните и локалните власти да се позанимаваат со решавање на ова прашање, неволност и кај самите жители да си побараат поредовен превоз се палетата на причини кои најчесто се нудат како одговор додека проблемот си останува, а Дојран и во новата година влегува без директни автобуски линии и без автобуска станица.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%