Семејствата и блиските на загинатите од катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс ги повикаа граѓаните да им се приклучат на утрешниот 32-ри Марш за ангелите во Кочани:
„Паралелно со судскиот процес, ги повикуваме сите граѓани кои веруваат во човечноста и правдата да ни се придружат на 6 декември 2025, сабота, со почеток од 14:05 часот од Паркот на револуцијата во Кочани. Да чекориме со љубов, со болка и со достоинство. Во име на оние што повеќе не можат да чекорат. Овој марш не е протест, туку мирен марш за правично судење, за да потсетиме дека зад секој „број“ стои име, живот, семејство и болка. Нашата порака е едноставна, но длабока, За нашите деца за вистинска правда, за Македонија со совест. Да покажеме дека ова општество не молчи пред неправдата и дека постои народ што не се откажува од вистината“ – велат од здружението на семејствата на загинатите.





