Веќе пет ден важат новите цени на струјата, што за домаќинствата ќе донесат повисоки сметки од 2,45 – 3,84 отсто, во зависност од блоковите. Ако за домаќинствата зголемувањето се смета за минимално или како што го објаснуваат – мало усогласување со инфлацијата, за компаниите, односно малите потрошувачи зголемувањето е дури 18 отсто. Што тоа ќе значи за поголемиот дел од македонското стопанство и не е тешко да се претпостави.
Пресметано наназад, поскапувањето на струјата за корисните од групата мали потрошувачи е значително повисоко и ако се спореди со периодот јануари 2025 година,кога струјата поскапе за 13,52 отсто, за само една година цената на струјата е зголемена за 31,52 отсто.
Низ бројки цената на електрична енергија за мали потрошувачи (фирми):
Вкупна цена 01.01.2025 – 30.06.2025 = 17.3263
01.01.2026 – 30.06.2026 година:
АВТ = 17.991 ден 1Kw +дистрибуција
АНТ = 17.991 ден 1Kw +дистрибуција.
Зголемување 18%.
Од надлежните институции, вклучително и Регултаторната комисија велат дека цената на киловат час е определена, но она што може да се направи е малите потрошувачи да се преселат на слободниот пазар. Но, и таму треба да се одвои добар дел од приходите за да обезбеди неопходниот енергенс за работење.
Владините претставници не пропуштат прилика да се пофалат дека создава поволни услови за работа на компаниите, а самиот премиер Христијан Мицкоски во септември на социјалните мрежи напиша:
„Македонија оди напред – со повеќе работни места, посилен извоз и стабилна економија. Ова е времето на работа, резултати и развој“, додека во декември изјави:
„Нашата цел е јасна посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот раст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој раст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите“, рече Мицкоски (22.12.2025 година).
Колку е тоа можно со годишно поскапување само на струјата за 32,52 отсто, ќе треба да објаснат.



