Во продолжение на судскиот процес, адвокатот Петре Шилегов побара поголема правна доследност и внимателност од институциите, истакнувајќи дека исходот мора да биде фер за сите вклучени. Тој потсети дека оштетените имаат право на целосно расчистување на случајот, но предупреди дека тоа не смее да се постигне со постапки кои би нанесле неправда на обвинетите.
Шилегов остро го критикуваше обвинителниот акт, опишувајќи го како документ со сериозни недоследности:
„Обвинението што го добивме е документ кој тешко може да се нарече правно валиден. Со жалење морам да кажам дека ваква правна неконзистентност не сум сретнал. Нашата цел е јасна – праведност за оштетените, но и за секој поединец кој неоправдано е ставен на обвинителната клупа“, рече Шилегов.
Обвинителството, согласно наведеното во актот, го товари Шефкет Хазари – клиент на Шилегов – дека бил свесен за можните штетни последици од дејствијата и дека се согласил тие да настанат. Во документот се наведени и членови 288 и 292 од Кривичниот законик.
Адвокатот дополнително укажа на, како што рече, нелогични временски пресврти во обвинението. Според него, останува нејасно како обвинителството утврдило дека Хазари, во периодот меѓу 2013 и 2019 година, можел да предвиди или да се согласи со настан кој, според описот во актот, се случил дури во март 2025 година.





