Штипскиот затворен базен сè уште не е пуштен во употреба и не се користи поради процедурата која треба да го утврди начинот на користење, но и надлежностите поврзани со одржувањето и техничкиот надзор.
На 23 септември годинава штипскиот градоначалник Иван Јорданов во придружба на министерот за спорт Борко Ристовски и премиерот Христијан Мицкоски свечено го отворија базенот, но истиот не започна да се користи.

Изградбата на затворениот базен започна во февруари 2020, а проектот го водеше поранешната Агенција за млади и спорт, која потоа прерасна во Министерство за спорт.
Иницијалната предвидена цена на базенот беше 38 милиони денари. Тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, најави дека рокот за изградба на базенот е 18 месеци, но дека истиот би можел да се заврши и до крајот на 2020 година. Во реалноста базенот се заврши за 66 месеци или 5 и пол години.
Од општината потврдуваат дека базенот сеуште не е ставен во употреба:
„По спроведување на постапката за утврдување на начинот на користење, Општина Штип навремено и јавно ќе ги информира граѓаните за работното време, системот на функционирање и сите услови за користење на базенот. Дополнително, ќе бидат прецизирани надлежностите поврзани со одржувањето и техничкиот надзор, во согласност со пропишаните стандарди и законските одредби.
Базенот ќе биде достапен за сите граѓани на Општина Штип, со цел да се поттикне спортскиот дух, рекреативното пливање и здравите навики кај населението. Покрај индивидуалните посетители, базенот ќе им овозможи услови за користење и на спортските клубови, училиштата и организираните групи, во рамки на однапред утврдени термини и правила на користење.“ – велат од општината.
Засега не е познато колку ќе трае постапката за утврдување на начинот на користење, а како што велат од општината основната причина зошто истата досега не е завршена е изборниот процес.




