Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска со свечена академија го одбележа триесетгодишниот јубилеј од своето основање. По тој повод, деканот Трајче Стојанов нагласи дека токму на овој факултет со децении се образуваат учители и педагошки кадри кои се носители на воспитно-образовниот процес низ целата држава.

Според Стојанов, долгогодишната традиција претставува и обврска за понатамошно унапредување на работата и за следење на современите образовни текови. Во таа насока, како што посочи, во тек е постапка за акредитација на нови студиски програми, со што Факултетот за образовни науки ќе го прошири своето делување во повеќе области од педагошката наука, со цел подобро да одговори на актуелните предизвици. Тој истакна дека потребата од учители секогаш ќе постои, додавајќи дека и покрај финансиските потешкотии, многу од вработените во образованието ја извршуваат својата професија водени од љубов и посветеност.
Деканот се осврна и на развојот на информатичката технологија, посебно на вештачката интелигенција, која, како што рече, претставува сериозен предизвик за наставниот кадар. Токму поради тоа, меѓу планираните нови студиски програми се наоѓа и дигиталната педагогија, која треба да одговори на современите образовни трендови.

Свеченоста ја збогати и присуството на поранешниот декан и професор Блаже Китанов, кој оцени дека работата на едукација на идни наставници е исклучително мотивирачка, но и дека современото време наметнува поинаков пристап кон студентите. Китанов, кој речиси четири децении го поминал во оваа институција, истакна дека развојот на информатичката технологија бара поголемо прилагодување на наставата, при што посебно ја нагласи потребата од враќање и доближување на книгата до студентите.





