Номиниран од минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за хемија, Омар Јаги, Академик Панче Наумов стана полноправен член на Европската академија на науките (European Academy of Sciences). Наумов, кој моментално предава на Универзитетите „Њу Јорк“ и „Њу Јорк Абу Даби“, стана Академик во Одделението за хемија.
Наумов за МИА изјави дека убавата вест му е соопштена вчера, а церемонијата за негово пристапување во Европската академија на науките ќе се одржи оваа година во Брисел. Наумов е веќе е член на две други Академии на науки – надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и полноправен член на Националната академија на Обединетите Арапски Емирати. Исто така е Редклиф визитинг професор на Универзитетот „Харвард“ во САД. Наумов е македонски истакнат хемичар и научник, по потекло од Штип, којшто долги години работи во странство. По завршувањето на студиите по хемија на Институтот за хемија при ПМФ, со спонзорство од јапонската Влада, Наумов се запишува на докторски студии во Токио, Јапонија, каде докторирал во 2004 година на хемија и наука за материјалите.
По докторирањето работел во јапонскиот Институт за наука за материјалите, а потоа и во универзитети во Осака и Кјото. Во 2012 година преминува на Универзитетот „Њу Јорк“, каде сега работи во нивните кампуси во Њу Јорк и Абу Даби. Пред четири години, Наумов оформил и Центар за паметни материјали, чиј директор е сега. Академик Наумов има објавено преку 300 научни трудови, коишто се цитирани повеќе од 17.000 пати. Во неговата биографија и се што досега има направено стои и дека е придружен член на Американското хемиско друштво (American Chemical Society) и на Кралското хемиско друштво (The Royal Society of Chemistry).
Истражувањата на универзитетскиот професор и научник Наумов покриваат широк спектар научни проблематики од областа на хемијата и науката за материјалите. Главна тема на неговиот научен интерес е хемијата на цврста фаза, а особено нови паметни материјали. Подетално, Наумов е еден од пионерите што ги имаат откриено динамичките својства на цврстите супстанци, парадигма којашто го менува класичното сфаќање на хемијата на цврсто тело. Неговите истражувања покажале дека кристални цврсти материјали, при одредени услови, може да покажуваат динамички, а не само статички својства. Ова сознание драстично ја менува нашата перцепција за материјалите. Резултатите од неговите истражувања веќе се користат во индустријата на паметни материјали, како што се флексибилни органски електронски и оптички елементи во електронската индустрија. Неговите откритија се на пат да ја заменат оптиката и електрониката којашто засега користи силициум или силициум диоксид со комплетно органски кристални материјали коишто може да се виткаат и да одговараат ан надворешни влијанија како што се светлина, топлина, механички влијанија и слично.
текст и фото: МИА




