Штип: Мега паркот „Иднина“ – За власта модерна зелена оаза, за опозицијата непродуктивен трошок

Во Штип продолжува изградбата на новиот мега парк „Иднина“, кој ќе се простира на површина од околу 70.000 квадратни метри покрај реката Брегалница. Според најавите од Општина Штип, паркот ќе претставува „современа зелена оаза наменета за одмор, рекреација и дружење на граѓаните“.

Во рамките на проектот се предвидени големи зелени површини, патеки за пешачење и велосипедизам, мини езерце, како и спортски и рекреативни зони. Паркот ќе биде целосно достапен за јавноста, а неговата хигиена и безбедност ќе бидат обезбедени од Јавното претпријатие „Исар“. Дополнително, модерниот автоматизиран систем за наводнување ќе овозможи редовно полевање на зеленилото, додека постоечките бунари на градежната парцела ќе останат заштитени и функционални, велат од Општина Штип.

За разлика од локалната власт, опозицијата во градот, предводена од СДСМ, изрази сериозна критика за проектот, најмногу заради неговата обемна финансиска тежина. Павел Иванов, оцени дека мега паркот „Иднина“ е финансиски еквивалентен на изградбата на новата обиколница и мост на Брегалница или на новата градинка во населба Сењак.

„Додека тој планира да потроши огромни суми на проекти кои звучат добро на хартија, вистинските проблеми на граѓаните остануваат нерешени. Сообраќајот е парализиран и целосно блокиран, секој ден е нов хаос, секој тротоар е паркинг. Најголемата иронија е тоа што додека градоначалникот се фали со нов парк, постоечките паркови во Штип се целосно запуштени, но Јорданов се обидува да не убеди дека новиот парк ќе биде различен.“ – рече уште во февруари годинава, Павел Иванов.

Во однос на рокот на изградба, токму во февруари општината соопшти дека проектираниот рок на завршување на градежните активности околу паркот е четири месеци, а денес, девет месеци подоцна, паркот е сеуште во изградба.

Проектот за мега парк „Иднина“ е проценет на 100 милиони денари и предизвикува контроверзи меѓу поддржувачите кои го гледаат како модерна зелена оаза и критичарите кои сметаат дека парите можеле да бидат наменети за решавање на поитни инфраструктурни проблеми во градот.

Останува времето да покаже дали овој проект ќе ги оправда очекувањата на локалната власт и граѓаните.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ