Олгица Христовск остави толку многу не само на „Макфест“, туку воопшто во музиката и театарот, но се повлече. Место кариера реши да се посвети на мајчинството и барем досега ја гледаме само со она што оставила зад себе.
Една од тие е и песната „Свирете ја зајди, зајди“, која на „Макфест“ ја отпеа 1992 година и после 33 години повторно ја видовме на истата сцена на јубилејното издание на фестивалот. На овој фестивал Олгица настапила многу пати, но последен пат во 1999 година и од тогаш не се појави.
Дојде во Штип со многу емоции, како и нејзините колеги, но и, како што рече, со многу тага.
-Ќе настапам со тага. Го нема текстописецот Влдимир Нејашмиќ Бато, го нема човекот кој ја снимаше во студио, Тоше Поп Симонов, го нема авторот на музиката Драган Вучиќ. Уште од дома, пред да тргнам на „Макфест“ се чувствував емотивно, душава ми беше стегната. Но, песната ме задолжила, остана евергрин и како и водата, секогаш си го наоѓа патот. Мислам дека ова песна ќе остане, ова е песна која никогаш нема да згасне. А кога дојдов во Штип се чувствував како половина од мене да нема. Многу се сменети работите, во организациска смисла. Мислам дека откако Троицки го напушти „Макфест“, како фестивалот тивко да почна да умира. Но, постои и затоа сум многу благодарна, затоа што издржа да го им. А тоа е за скоја чест. Меѓутоа, многу ме боли квалитетот на фестивалот. Јас сакам да ми останат тие спомени од времето на златните години на „Макфест“.
Ама времињата се менуваат?
-Да, времињата се менуваат, но тоа не значи дека и ние треба да се менуваме. Некои работи не смее да се дозволи да се променат. Не може другите мене да ме дефинираат. Не значи дека ако ти се промениш на полошо дека треба јас да влезам во твојот филм. Тоа не го прифаќам. Ми недостасуваат времињата, ми недостасуваат луѓето, всушност ми фали радоста од тоа време. Сега новите генерации ја немаат таа возбуда кон музиката и таа страст која ние ја имавме. Ние живеевме за да се случи „Макфест“. Штип живееше за да се случи „Макфест“.

На „Макфест“ последен пат настапи во 1999 година, има ли шанси повторно да се вратиш на фестивалот или можеби воопшто да се вратиш со нова песна?
-Не, не. На „Макфест“ сигурно не. А воопшто да се вратам- да. Има шанси. Големи шанси има. Имам цел албум кој ми стои во фиока и чека да се сними.
А зошто се тргна од музиката, токму кога беше на врвот?
-Па не само од музиката. Јас се тргнав и од театарот. Еден период прекинав со се, а бев навистина многу ангажирана, особено во театарот. Сакав да се посветам на семејството. Јас си се познавам себе си, мислам дека ќе беше нечесно ако играв на двете страни, бидејќи сум човек кој сака, кога ќе се нафати, една работа да ја направи како што треба. Е сега, бидејќи ќерка ми Каја порасна, направи скоро 16 години и веќе е свој човек, не сум и потребна како порно и почнав да размислувам. Претходно сите понуди ги одбивав, затоа што сакав да правам се на оној начин како што само јас знам, како што јас сакам.

На театарот ќе се вратиш?
-На театарот веројатно ќе се вратам, меѓутоа не на институцијата. На позивот -да ама да влезам во институција -не. На позив како фела, како струка мислам. Може да се направи и приватен проект, ама со вработување во институција-не.
Дали 16 години беше само мајка?
-Па не. Во меѓувреме јас работев друго , пак, во склоп на уметноста, но други работи. Бев задоволна и среќна. Јас никогаш не правам нешто со сила. Јас сум подготвена да јадам леб и сол ама да не правам компромис кога се работи за она за што сум талентирана. Тоа не е само музиката и глумата, има многу други работи за кои сум талентирана. Така да сакам секогаш тоа што го работам да го работам со срце и душа и со страст. И затоа не правам компромис. Не ми е пресудна парата. Не дека ја имам. И тоа ми се случи. Јас не правев бекап план кога дадов отказ. Немав план Б. Не знаев утре што ќе правам. Ама пресеков за да можам да останам доследна на себе си.
Те разочара политиката?
-Премногу влезе политиката во сите пори на опшеството. Премногу. Не сакам да избегам од себе си. Сакам кога ќе се погледнам во огледало да не се плукнам. Сакам сите во очи да ги гледам. Во моите ставови јас сум истата од пред 30-40 години. Мислам дека издржав иако тоа е многу тешко во денешно време. Со сите искушенија околу, со сите невремиња што не снајдоа. Многу е тешко да останеш здрав во мозокот. Не знам дали грешам, но и ќерка ми така ја воспитувам. Ама така ме воспитале и мене и поинаку не знам. А мислам дека и не сакам.

Ќе тргне Каја по твоите стапки?
-А, не. Тотално е незаинерсирана ниту за театар ниту за музика иако е многу музикална. Страшен талент за танц. Меѓутоа ја интересираат други работи.
Тоа е под твое влијание или?
-Таа е воспитувана сама да одлучува и сама да одговара за постапките кои ќе ги превземе. Сите награди, победи и порази се нејзини, не се мои. Воспитивана е да одлучува сама, но и сама да ги сноси последиците…
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски




