Сања Христова беше најмладата жртва од трагичниот настан во Кочани од Облешево, а нејзиното родно место – малото, но топло Облешево – засекогаш ќе ја памети како девојка со срце поголемо од светот. Имаше само 25 години, но нејзината добрина, искрената љубов кон луѓето и животните, и неуморната борба за праведност оставаат траги што не избледуваат.
Сања беше дипломиран психолог на Славјанскиот факултет. Не ја водеше само желбата за професионален успех – туку длабока и искрена потреба да помогне.
„Таа ги разбираше луѓето тивко, без осуда, со зборови кои лечеа и со присуство што давало надеж“, се сеќаваат нејзините родители.
„Секогаш стоеше на страната на најранливите – оние кои светот често ги заборава: осамените, отфрлените, најмалите.“ – додава нејзината мајка Ангелина.
„Покрај нејзиниот хуман дух, Сања беше и љубопитна, отворена кон светот. Работеше и во странство, со желба да прошета, да научи, да види нешто ново. Имаше соништа што не беа себични – сакаше подобар свет, и веруваше дека е можно. Плановите ѝ беа исполнети со љубов, надеж и желба за промена.
Нејзиното срце беше неисцрпен извор на топлина. Сања не беше „само“ ќерка, пријателка, другарка. Таа беше душа што обединуваше, разбираше, слушаше и поддржуваше. Таа беше дом за оние без дом, рамо за оние што тивко плачат, насмевка за денови полни со сивило“, вели Ангелина.
„Посебно место во нејзиниот живот имаа животните – а кучињата беа нејзина голема љубов. Нејзиното сопствено куче ѝ беше повеќе од миленик – ѝ беше пријател, член на семејството, душа со која делеше сè. Секое напуштено, гладно, изгубено куче за Сања беше повик за акција, за грижа, за љубов.
Трагедијата што се случи во Кочани ѝ го одзеде животот брутално, неправедно и прерано. Но нејзиниот дух не може да се избрише. Сања живее понатаму – во секое спасено куче, во секој топол збор што некогаш го кажала, во секој спомен што ги грее срцата на оние што ја познаваа.
Сања Христова не е само жртва. Таа е симбол на добрината што светот ја бара. Љубовта што ја ширеше нема крај. Таа е жива – во сите нас“ – додаваат од семејството на Сања.






