Штипската и македонската јавност излегоа со бурни реакции кога на 24 август, за време на натпреварот меѓу пионерските екипи од генерацијата 2009‑2010 на ФК „Брегалница“ и ФК „Шкупи“, одигран на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, се случи сериозен инцидент – родител на млад фудбалер на „Шкупи“ физички нападна двајца 15-годишни играчи на Брегалница и им нанесе телесни повреди.
Напаѓачот, идентификуван како А.А. (43) од Скопје, веднаш по настанот беше приведен и обвинет за делото „насилство“ според член 386 од Кривичниот законик.
Но, кратко по започнувањето на судскиот процес, во јавноста се појавија шпекулации околу тоа дека двајца од вкупно петмина сведоци примиле поткуп за да ги променат своите изјави и ќе негираат дека А.А. физички ги нападнал децата.
Понеделник ќе биде пресуден во решавањето на случајот што предизвика бурни реакции во јавноста по изнесувањето на засега непотврдени информации дека двајца сведоци од Штип пред Основниот суд сведочеле дека не се случил нападот. За понеделник е најавено изрекувањето на пресудата за случајот.
Канал 77 го истражуваше случајот и дојде до извор од ФК „Брегалница“ кој сакаше да остане аномине, а кој тврди дека поткупот навистина се случил:
„Двајца сведоци ги сменија изјавите дека не е крив А.А. И уште еден од сведоците е пречекан пред судот кога даваа изјави и му ветиле илјада евра ако ја смени изјавата дека не е А.А. крив. Тој ги одбил. Кога се сведочи, не е дозволено сведоците да слушаат што велат другите сведоци, така што од нашиот сведок не можам да кажам двајцата што кажале. После судењето адвокатот ми кажа: „Срам за тие двајца!“ ги кажа со име кои се. Ми кажа и оти сведочеле дека човекот не е крив. А има повреди, тренерот и службеничките две од МВР немаат сменето изјави, нивно останува дека тој удрил, што и де факто се случи, ги удри тој. Имаме изјави, известен е и градоначалникот за ситуацијата. Станува збор за двајца штипјани, не се сведоците од „Шкупи“. Се продаваат за смешна сума, без разлика на сумата, сепак дете е во прашање. Друго е двајца возрасни да се закачиле, па да се прогледа низ прсти, ама за дете, судот треба да даде пример за никој друг веќе, секој има деца, утре и вие ќе го пуштите вашето дете, треба да мислите дали живо и здраво ќе се врати“, вели изворот од ФК „Брегалница“.

Официјалниот извештај од натпреварот потврдува дека на натпреварот се случило насилство: се наведува дека инцидентот се случил во 89‑та минута од натпреварот, откако судијата досудил втор жолт картон на синот на осомничениот, кој играл за Шкупи. Доследно, синот се однесувал недозволено, по што таткото влегол на теренот и започнал да удира со тупаници и кикови двајца играчи од Брегалница, при што тие претрпеле модринки и скршеница на нос. Во интервенцијата се вмешале и други гледачи кои спречиле поголема ескалација.
Покрај кривичната постапка, се започнати и дисциплински процедури:
Играч на Шкупи (број 9) е исклучен од фудбалската организација, а двајца други играчи од Шкупи добија суспензија од три месеци. Играч од Брегалница е суспендиран за четири натпревари за груба игра и прекумерна самоодбрана.
И двата клуба, Брегалница и Шкупи, се прогласени за колективно одговорни — едниот за напад од родители/навивачи, а другиот за лоша организација и недостатоци во обезбедувањето.
По протекувањето на шпекулациите дека двајцата сведоци ги промениле изјавите пред судот, со изјава за регионална штипска телевизија излезе Трајче Сенев од ФК „Брегалница“, кој обзнани дека тој е еден од двајцата сведоци за кои се зборува, но јавно ги демантираше наводите за поткуп:
„Јас Трајче Сенев, во целост ги демантирам невистините објавени на штипска фејсбук страница, кои кружат во јавноста дека наводно е променет исказот од моето сослушување и најстрашно од се е дека за истиот сум земал одредена сума на пари. Јас како долгогодишен тренер одговорно тврдам дека е злоупотребено моето име и нарушен угледот на моето семејство. Зад сето тоа стои друга позадина и јас сум колетерална штета во ова. За објавените невистини веќе е поднесена пријава до МВР – СВР Штип. Од целата ситуација постои видео снимка којашто беше објавено во јавноста, каде што може да се види дека јас лично влегувам на теренот после завршениот инцидент“ вели Трајче Сенев за регионална штипска телевизија.

Судската процедура е во тек – предвидена е пресуда за понеделник, 27 октомври, во Основниот суд во Штип. До тогаш, ќе бидат анализирани доказите, службените записи, видеоснимките и изјавите на сите страни. Тежината на казната за осомничениот, како и евентуалните правни и дисциплински последици за клубовите и сведоците, ќе бидат внимателно следени од штипската јавност, која беше доста вознемирена од инцидентот.





