Вработените од текстилната фирма „Елит фешн“ од Штип утрово кога после одмор се вратиле на работа ја нашла фирмата под клуч. Фирмата има двајца странски газди, еден од Германија и еден од Хрваска и, според вработените, не им исплатиле плата и к15, туку ја затвориле фирмата и побегнале.
-Не оставија на улица и побегнаа. Срамота е ова што го прават. Треба плата да ни исплатат, да ни дадат к15 и да не стават под Завод. Треба да се појави некој, газдите ни се од Германија и Хрватска, нема на кого да се обратиме. Работевме 27 дена последниот месец, требаше и награда и плата да ни дадат, а не вака. Како стока не бркаа за да се заврши работата, пот од сите течеше на 40 степени, апчиња пиевме за да издржиме да ги истераме налозите и на крај додека бевме на одмор ја затворија фирмата. Ако веќе не работиме нека дојдат да отворат да си ги земеме работите. Здравјето ни го земаа и ние имаме фамилии. Веќе на некој не се плашеме, да не исплатат па нека одат каде сакат, велат вработените, кои утрово протестираа пред фирмата.

Канал77 контактираше со Кристина Ампева, претседател „Гласен текстилец“, која рече дека станува збор за 49 вработени иако во минатато оваа фирма имала и над 100 вработени.
-Фирмата е „Елита фешн“ и во Штип функционира над 17 години. Газди се двајца странски државјани, а објектот е под наем. Како што сум информирана, поради намалени нарачки ќе бидат одјавени сите. Инспекторката е известена од минатата недела, но сите се на определено. Како се на определено кога треба да има трансформација на договорот допрва треба да се види. Проблемот е што се странски државјани и нема како да се изврши увид, па ќе се обраќаме и до УЈП. Им доцни последната плата три дена и к15, вели Ампева .
Како што објасни Ампева за Канал77 имало две писма од Геманецот и Хрватот во кое им кажале на вработените дека поради намалени нарачки сите ќе бидат одјавени, а до тогаш ќе бидат на одмор.
-Овие фирми така завруваат, ќе затворат и никому ништо. Не е ова единствена фира каде газдите се странци. Да се случи вакво во Германија веднаш ќе го најдат ама кај нас не. Треба да се провери зошто толку долго време биле на определено, дали има основ за отпремнини, а дали некогаш ќе биде наплатено не знам. Проблемот е што работниците се охрабруваат да зборуваат само дури кога ќе се стави клуч на врата. Ние ги викаме да дојдат кога се е во ред со фирмата, за да кога ќе се случи ова можеме да интервенираме. Сега ќе можев да ги водам постапките, но тука нема ниту објект, не е нивен под наем е. Но, во се, најголем проблем е што вработените се охрабруваат да зборуваат само тогаш кога веќе нема што да изгубат. Дури отпосле ги бараат институциите. Во оваа фирма низ годините пуштавме инспекции во делот на исплата на к15. Им плаќаа по 1.000 или 2.000 денари. Праќвме инспекција, но инспекторката можеше само да констатира дека работниците се согласиле на тоа, потпишале спогодба на исплата на помал износ, вели Ампева и додава:

-Не знам како ќе се оди понатаму. Прво треба да се проверат договорите за работа, чудно е како е можно луѓе што работат над пет години се уште да имаат договор на опредлено а треба да има транформација на неопределено. Што е правено тука и дали има евентуални кривични дела не знам. Но, пак ќе речам што и да има кога се работи за странски газди ние како држава сме катанга. Да е во некоја друга држава да видите како ќе биде одблокиран и ќе се најде газдата. Овде ништо. Да е обичен човек веднаш ќе има блокирање и извршители. Но, овде станува збор за фирмички кои дошле тука да екслоатират луѓе 20 години. Не станува збор за две плати, туку за една, но им е кажано дека не се знае кога ќе им биде исплатена. Значи- ви благодарам што работевте, вели Ампева.
Во писмата што им ги испратиле газдите на вработените освен што пишувало дека се надеваат дека оваа состојба за нив нема да излезе толку лоша, им објасниле и дека последната година била со проблеми, намалени биле нарачките и за следните три месеци немало ништо за производство. Немало пари за плати и да се платат сметките. Дополнително ќе ги информирале вработените кога ќе им биде исплатена платата. Писмата им биле испратени минатата недела.
Весна Миленковска
Фото: Кире Андонов







