Македонските пејачи реагираат кога на поголеми манифестации во државава се викаат балкански пејачи и за нив фрлаат купишта пари, за разлика од нашите кои не само што се игнорираат туку и каде каде се поевтини од нив. И тоа не е ништо ново, така е со години.. Домашните ѕвезди се бунат, а градоначалниците, кои се организатори на тие манифестации си тераат по свое. Па најчесто за дочек на Нова година или некои други познати општински манифестации плаќале и над 50 илјади евра за забава.
Но, како и за се друго, па и за песната на сите им е веќе пукнат филмот, па и на македонските пејачки со едно единствено прашање- до кога нашите ќе се потценуваат, а странците ќе се величат?
Последниот случај кој почна пред неколку дена на Фејсбук, ја крена на нозе и естрадата и јавноста.
А се почна кога фолк пејачот Спасен Силјаноски на Фејсбук, иритиран од музичките гости на Тиквешкиот гроздобер во Кавадарци меѓу другото напиша:
„Роштилијада- Лесковац или Гроздобер-Кавадарци? Во која држава се наоѓа Кавадарци? Во која држава е градоначалник Јанчев? Во која држава зрее грозјето? Во која држава ќе се одлеат стотици иљади евра за музичките изведувачи од овој настан?“, напиша Спасен.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев се најде повикан, а и навреден, па брзо брзо на Спасен му одговори:
-Нека повели пејачот кој го стави на исто рамниште гроздоберот со ,,роштиљада” и да каже во кој дел од програмата би се вклопил, а што е уште поважно, колку публика би донел во градот? Годинава ќе настапи српската еворвизиска победничка Марија Шерифовиќ, и за време на чиј настап се очекуваат најмалку 50.000 посетители, нека одговори пејачот дали тој може да гарантира дека ќе донесе барем една петина од таа бројка. Затоа и постои епитетот музичка ѕвезда, и не може секој да го носи. Кога за настап на некој музички гостин дури и се организира превоз од други градови, кога доаѓа река од народ од сите краеви, а на плоштадите нема место да се фрли игла, недостојно е да се потценуваат тие ѕвезди со евтини, наводно патриотски приказни кажани поради чист популизам. Уште еднаш го повикувам пејачот кој се дрзна да ја навредува традиционалната кавадаречка манифестација, да дојде во општината и да ми даде одговор на прашањата кои еве и јавно му ги поставив, изјави Јанчев за Викимедија.
Но, Спасен не застана, па денес се јави во живо на неговиот профил на Фејсбук, додека во позадина одеше песната „Ние страдаме од нашите душмани“.
-Вие го правите Кавадарци да личи на Врање. Не ве нвредив, туку ве критикував. ко дојде странец во Квадарци нема да се почувствува дека е на Тиквешки гроздобер, туку на Роштилијада. Срамно и жално ги омаловажувате македонските интерпретатори и музика, обидувајки се да ме омаловажите мене. Жално за ова негирање на се што е македонско. Еве да ви го направам ќејфот ќе кажам јас не можам да наполнам 50 илјади, а нема ли друг колега од Македонија. Во Мкедонија не играј и не пеј. споменувате цифри, трба да се заработи. се гледате низ призма на профит. Идентитетот со профит ли се гради, рече Спасен па направи споредба:
-Велите повеќе пари ќе се заработат со тие ѕвезд. Па повеќе пари ќе се заработат и ако се пие водата „Књаз Милош“, тоа за мене е поубава, па зошто да се пие само „Кожувчанка„. Зошто нема други води во Кавадарци? Правите монопол онаму каде имате личен интерес, а за националниот интерес воопшто не ве интересира. Патриотизмот ви е слаба страна, тој се познава по делата, а не по неделата. Ви зборувате за лажен патиотиза, вие кој со заткулисни игри ја дадовта поддршката за промена на името. Патриот не менува име, патриот гине за име. Што друго сте подготвен да направите за профит. Да не зборувам за сумите кои се излеваат од државата. Ве прашувам вас и сите градоначалници- намерно ли работите на уништување на се македонско. Гоце Делчев и Питу Гули профит ли барале кога гинеле за Македонија. Кога ви пеев на митинг во мај ми аплаудиравте, а сега ме понижувате.Со профит не се гради нација, историја и култура, се гради со чест,, достоинство и храброст, по цена и на загуба. Јас никогаш нема да завиткам кичма и да правам есап на сметка на државните интереси господине Јанчев. Изигравате султан на сметка на народот, на сметка на државните пари, порача меѓу другото Спасен.
По овој говор на Спасен, Фејсбук се преплави со пораки за поддршка.
„И јас сум Спасен“, „Најважно е да разбереш дека не си сам. Поддршка и почит“, „Браво за тебе, за Македонија, за Македонците“.. се само дел од коментарите.
(В.М.)
Фото: Фејсбук






