Марија Соколоска и нејзината мајка Весна, која е сопственик на туристичката агенција „Весна турс“, дошле до една благородна идеја, а тоа е да им организираат бесплатно летување во Грција на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ од Кочани. Причините за оваа идеја, најмногу е заради тоа што Марија на своја кожа има почувствувано колку е тешко да се бориш против изгореници и да живееш со лузни.
Канал77 ја контактираше Марија и од она што таа ни го раскажа повеќе е за „верувале или не“ отколку што е вистинска животна приказна. А се почнало кога Марија била бебе, имала само шест месеци.
-Ова не е измислена приказна, ова е вистинска приказна што ја знаат повозрасните во Кочани. Родена сум во Кочани и на шест месеци сум изгорена со врела вода, со изгореници од трет степен. Сега живеам и работам во Лондон, но патот до тука беше многу тежок. Имам изгореници на лицето, на градите, на нозете и на рацете. Што се случило? Најдобрата другарка на мајка ми намерно ме изгорела, верувајќи на некоја гледачка дека треба да изгори дете што е родено со нејзиното, бидејќи нејзиното дете се родило слепо. Така ќе прогледало. Мајка ми со мене отишла на кафе кај неа и таа ставила вода за да вари турско кафе, но место кафе таа со водата ме попарила, додека мајка ми ме држела во раце. Од кај неа во шок мајка ми ме однела во болница и од тука почнува мојата голгота. Сум имала неброени операции, сум била во клиничка смрт, не сум можела да зборувам до пет години. Не сме имале пари за сите тие операции, па во Кочани се собирало пари за мене. Оперирана сум во Скопје, во Белград, во Софија, па и во Лондон. Се оперирав до 30 години,бидејќи имав физички деформитети, едната рака ми беше фатена и не можев да спортувам. Поминав операции и операции за да на крајот можам да функционирам како што треба, вели Марија и додава:
-Мајка ми ја тужеше жената, која си го признала делото и беше осудена како ментално пореметена личност. Ја однеле во болницата во Бардовци и по некое време таа излезе и си продолжи со животот. И на мене не ми се верува што се се случило, но ние ја имаме пресудата. Јас до 18 години живеев во Кочани. Живеев со лузните иако никогаш нема да ги заборавам зборовите на учителката- „без разлика на се што поминуваше ти беше едно весело дете“. А не беше лесно, поминував низ булинг, страдав, имав комплекси, не се сакав себе си, па потоа дојдоа дечковци, заљубување, сето тоа требаше да се надмине. Но, ниакогаш не сум сакала да ме сожалуваат , и да бидам жртва и затоа сакам да им порачам дека секој проблем е само предизвик и да го гледаат така . Дека нам ни била таква судбината за да не неправи посилни и похрабри. Сега, му благодарам на Бога што тоа се случило, бидејќи мојата приказна е многу добра мотивација за да можам да спортувам, да се занимавам со нутриционизам и да помагам на други, па сега и на децата од Кочани, објасни таа.

Марија после се вели дека нема веќе комплекси, дека со сите лузни е среќна таква каква што е.
-Бев во Лондон и сакаа да продолжат со операции ама јас реков- доста е! Мене лузните веќе не ми се никаков проблем и не треба никому да се. Имам последици, ми се познава на вратот, на градите, на раката.. Но, раката ја покрив со тетоважа, лично заради мене. Ми се познава на рацете, на нозете, но јас веќе тие лузни гордо си ги носам. На времето мајка ми ме покриваше со пудри, како родител кај не слушнала таму не ме однела. Нам ни беше најважно да немам физички деформитет, да имам функционално тело. А знаеш какви се годините на тинејџерите, една бубулица да имаш е проблем а не изгорено лице. На плажа сум се криела, сум одела како повивана. Од денешен аспект тоа што сум се криела за мене е глуост, но тоа се фази од животот кои мора да се поминат, објасни таа.
Од таа причина Марија е најисправна кога вели дека на повредените деца најважна е психолошката помош. Вели- лузните нема да ги забележуваат ако сето тоа го надминат психолошки.
-Најважно е телото да им биде функционално, да може да ги мрдаат рацете и нозете, а како изгледаат тоа не е важно, треба да се чувствуваат како посебни. И јас се чувствувам посебна со сите тие лузни на мене. Јас сум горда на моите лузни и од овој аспект можам да и се заблагодрам на таа жена. Никогаш не сум појавила ниту гнев ниту револт кон неа. Прво не ја ни познавам а второ така требало да биде. Јас не ја ни мразам таа жена. Никогаш во живот не сум ја сретнала, а сега и да ја видам нема да имам гнев кон неа. Немам отрови на душата кон неа. Сето тоа ми е надминато. Само знам дека нејзиното дете никогаш не прогледало. Ама тоа е невино дете и нема никаква вина со ова што се случуваше. И тоа било бебе како мене, вели Марија.
Во времето кога Марија се соочувала со овој проблем кај нас немало -психолошка помош. Таа морала да се бори сама со себе за да ги надмине сите трауми.
-Најголемата поддршка ми е мајка ми. Та ме бодреше. Јас сум хиперактивна и секогаш сум гледала да го прифатам тоа што ми се случува. Иако имаше моменти кога не сум можела. Спортот и храната многу ми помогнаа. Бракот ми помогна, имав поддршка од сопругот. Не сум одела на психолошка помош. Вежбав гимнастика, кошарка, не во професионален тим. Сега одам на фитнес, со години, вели таа.
Токму од оваа причина Марија и мајка и Весна сочуствуваат со настраданите во пожарот и сакаат да помогнат. Досега донирале во Супорт Кочани, помагале на повредените во Лондон, бидејќи Марија таму живее, а сега и со бесплатното летување сакаат психолошки да помогнат.
-Јас ги знам сите фази низ кои ќе поминат децата. Затоа сакавме да дадеме, да подадеме рака за нас, за тие деца и за нашиот град. Ова летување е малку, мислам дека идната година во мај повторно ќе организираме. Намерно се одбрани овие термини, бидејќи децата не смеат да бидат изложени на силно сонце. Секако, ова сакаме да биде во корелација со доктор. Се ми е јсно, јас веќе тоа сум го поминала, немам веќе никакви комплекси и мојата животна приказна многу ќе им помогне. Веќе ме контактираа неколку мајки што им се повредени децата, ме молеа да помогнам да им дадеме мотив, бидејќи совршено знам низ што поминуваат. Веќе разговарав со Супорт Кочани за да одржам мотивациски говор за нив, вели Марија и порача:
-Не сакам тие деца да страдат, сакам да бидат среќни, пред се, што се живи и здрави и што Господ им дал уште една шанса. Треба да живеат со полна пареа. Најголемите лузни се лузните на душата. Лузните на телото се само физички и треба да се занемарат. И гордо и исправено да одат. Јас така одам- гордо и исправено! Нема потреба да се зацрнуват со -раната на душата. Да кукаат-леле, леле што ми се случи! Но, ете се случи! Зато само напред, вели Марија и не замоли да ја објвиме Фејсбук понудата за летување на повредените деца.
Весна Миленковска
Фото: Фејсбук/приватна архива

А постот гласи вака:
-Драги мои сограѓани од Кочани , ова е најмалку што можеме да дадеме за мојот град . Мојата приказна ја имате слушнато , гласно ја раскажав пред многу години , бев изгорена како бебе и цел живот се борев и психички и физички . Милион операции поминав и искрено благодарам на Господ што сум жива и сега можам да помогнам на други деца . Ова го решивме со мојата мајка !!!!
ВЕСНА ТУРС – СКОПЈЕ до СУПОРТ Кочани, д-р Катерина Паник, директор на Општа Болница – Кочани.
Хуманитарна понуда за бесплатен одмор за децата погодени од пожарот во Кочани
Весна Филипова, основач на туристичката агенција „Весна Турс“ Скопје и Марија Соколоска, донесовме заедничка одлука да организираме хуманитарна акција во корист на децата кои беа најпогодени од пожарот во Кочани. Весна Филипова, како мајка и родител на Марија Соколоска, која во минатото исто така поминала низ слична трагедија со изгореници, длабоко се сочувствува со родителите на овие деца. Токму поради тоа, таа одлучи да придонесе со овој гест, знаејќи дека на децата по претрпениот шок и траума им е потребна надеж, поддршка и позитивни искуства кои ќе им помогнат психички полесно да го надминат тежокoт период. Веруваме дека оваа хуманитарна акција ќе донесе радост и надеж за подобро утре кај децата кои претрпеа голем стрес и загуба.
Со таа цел, „Весна Турс“ обезбедува бесплатно сместување за 20 деца во Аспровалта и Неа Врасна Грција, во периодот 21.09.2025 – 28.09.2025.
Понудата вклучува: Бесплатен превоз, бесплатно сместување во апартмани и приватни куќи од категорија Б, здравствено осигурување за целиот престој. Студиа со 2, 3 и 4 кревети, сопствен балкон, кујнска единица и тоалет, локација на 50–150 метри од плажа, храната и сите други дополнителни трошоци се на сметка на корисниците.




