Радовиш веќе со години е домаќин на една од најпрепознатливите гастрономско-културни манифестации во Македонија – „Самун ем Татлија“, настан што ја слави локалната традиција и ја претвора храната во симбол на градот.
Манифестацијата, која редовно се одржува во есенските месеци, ги промовира самунот и татлијата како заштитни знаци на радовишката кујна. Таа одамна го надмина гастрономскиот карактер и прерасна во вистински туристички и културен собир.
Сепак, традицијата барем годинава, ќе биде стопирана. Според информациите кои ги добивме од градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов, одлуката е донесена од страна на Советот на Општина Радовиш на негов предлог.
„Оваа година средствата решивме да се искористат за Радовишко културно лето и чествување на св. Спасо Радовишки. Воедно, во годината кога цела држава е завиена во црно од настанот во Кочани, несоодветно е ние по плоштадите масовно се веселиме, па така решивме да се покаже почит. Ова е само за оваа година, догодина очекувам да се нормализираат работите“, изјави Ристов.
Тој додаде дека за одржување на манифестацијата се потребни минимум 3.000.000 денари, а ако се планира поголема организација, околу 6.000.000 денари.
Ристов ги отфрли и наодите дека наводно буџетот на Општина Радовиш бил празен.
„Буџетот на Општина Радовиш никогаш не бил пополн од сега“, потенцираше тој.

Според кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ Ристо Спасов, оправдување за ваквата одлука нема.
„Преку оваа манифестација ние ги презентираме нашите вредности, ги собираме нашите роднини и пријатели од соседните градови, Радовиш живее за тие три дена и истата не смее да прекине. Традиција која трае со години треба допрва да се прошири, а не да застане“, изјави Ристов.
Од актуелната советничка група на СДСМ во Советот на Општина Радовиш пак откриваат дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција го поддржале предлогот на градоначалникот Ристов.
„Општината најверојатно нема пари, па затоа манифестацијата нема ни да се одржи годинава. Во програмата за културни настани оваа манифестација е предвидена за оваа година. Се нема волја од нивна страна, а причина најверојатно се и претстојните локални избори. Причините кои тие ги наведуваат се класична измислица“, велат тие.
Критики пристигнуваат и од Локалниот огранок на Левица во Радовиш од каде сметаат дека поради двете најголеми партии, манифестацијата од година во година е се полоша и полоша.
„Оваа манифестација се искористува за финансиска придобивка на лица блиски до партијата, не се слушаат мислењата и желбите на граѓаните и организацијата е на најниско ниво. Една од причините поради која не се одржува се изборите бидејќи истата би се одржала после избори и не би можеле да соберат политички поени. Тие знаат дека доколку ја спроведат на истиот начин како и претходните години, тоа би им наштетило во кампањата“, сметаат од ЛО Левица Радовиш.
Тие додаваат дека доколку ставот на општината е да се одложи манифестацијата, би требало прво да се прашаат граѓаните што мислат за тоа, да се спроведе анкета, па потоа да делуваат согласно спроведената анкета.
„ЛО Левица Радовиш со своите идни советници ќе се залага манифестацијата да прерасне во Радовишки бренд препознатлив во Македонија и на Балканот, во која ќе се промовира Македонска музика и Македонска храна, со која на сите ќе им покажеме дека сме гостопримлив град кој знае како да организира манифестации на кои сите Радовишани ќе бидат горди“, додаваат тие.
Во рамките на програмата секоја година се организираат музички настапи, фолклорни изведби, забавни натпревари – меѓу кои најпопуларни се оние во јадење самун – како и промоции на локални производи, занаети и ракотворби.

Историјатот на „Самун ем Татлија“ ја потврдува нејзината вредност. Во 2016 година, по повод Светскиот ден на туризмот, таа ја доби наградата „Златна плакета за најуспешна манифестација“ од Министерството за економија. Само две години подоцна, бројот на посетители надмина 80.000, што ја вброи манифестацијата меѓу најмасовните од ваков тип во земјата.
Покрај тоа што претставува атракција за туристите – и домашни и странски – „Самун ем Татлија“ има значајно економско и социјално влијание. Настанот им овозможува на локалните угостители, трговци и занаетчии да ги промовираат своите производи, а воедно ја оживува традиционалната кујна и го зајакнува локалниот идентитет на Радовиш.
Кристијан Трајчов





