Андреј Лазаров беше професионален фудбалер, македонски интернационалец и вистинска фудбалска надеж. Настапуваше надвор, но и во повеќе клубови низ државата. Тој е еден од загинатите во трагедијата во дискотеката Пулс на 16-ти март.
Андреј доби и мурал на Градскиот стадион во Кавадарци, како знак на почит и сеќавање од неговиот поранешен клуб Тиквеш и од фудбалските фанови. Играчи му посветуваа голови, како оној на Маневски против Црвена Звезда, а бројни фудбалски клубови на разни начини му оддадоа почит на прерано починатиот фудбалер.

На 8-ми септември требаше да наполни 26 години.
Неговата сестра Бојана често пишува за својот брат и ја потсетува јавноста на извонредната личност на Андреј:
„08.09 беше датум кој секогаш носеше радост – твојот роденден. Лани го славевме твојот 25-ти, никој ни не претставуваше дека ќе биде последниот. Оваа година те нема тебе, има само тишина и празнина. Но има бескрајна љубов, сеќавања и молитви за тебе. Среќен 26 – ти роденден на небото братче мое. Засекогаш ќе останеш да живееш во нас, затоа што саканите никогаш не умираат. Те сакам бескрајно.

Твоето име ќе одекнува. На трибините, во соблекувалните, во секој гол, во секој аплауз. И нема ноќ да не се надеваме дека таму некаде Андреј сеуште трча. Не затоа што играше фудбал – туку затоа што играше со душа. Но дури и најсилните неможат сами кога светот ги остави. Ти си мојот херој. Ти аплаудирам, секој ден, од највисоката трибина на светот.

Слика од тебе. Насмевка. Дресот. И зборовите: „Горе гледај према небу и не бој се.“ Тогаш беше жив. Борец. Надеж. Инспирација. Ти ги живееше тие зборови, со срце и храброст. Денес, тие исти зборови звучат како порака од тебе. Од небото. До сите нас што уште сме тука – што болиме, но паметиме. Како да сакаш да ми кажеш: “Не се плаши. Продолжи. Јас сум тука. Само гледај горе.” И ќе гледам. Со солзи, со љубов, со гордост што ми беше брат.
Никогаш заборавен.
Почивај во мир шампионе!“ – стои во објавите на Бојана.






