Поранешната директорка на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова е осудена за злоупотреба на службена положба и овластување, додека е ослободена за делото измама. Ова е пресудата на Основниот кривичен суд, кој ја задолжи Димова во рок од шест месеци да ја надомести и штетата од 22 725 220 денари на Националната агенција. Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, ги ослободи Димова за делото „измама“, како и третообвинетата Ана Павлиду за „несовесно работење во службата“.
За Димова пресудата е очекувана, особено што, како што рече е „уште една политичка игра, со таа несреќа што во овој случај двете страни и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат корист за тоа јас да бидам осудена“.
Димова во текот на 2018, 2019 и 2020 година, како одговорно лице – директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со намера за друг да прибави значителна имотна корист ја употребила својата службена положба и овластување на начин што со неизвршување на својата службена должност, постапила спротивно на Законот за јавни набавки и со нестручно и несовесно постапување овозможила противправна имотна корист на трети лица.
-Во делот на измама на штета на европски фондови не е опишан начинот на кој е извршено делото и не е јасно наведено на кој начин, дали и како биле искористени лажните податоци. Без вакви елементи недостига основ на делото измама и судот беше спречен објективно да оцени дали обвинетата пропуштила и дала невистините податоци и со тоа предизвикала штета на фондови на ЕУ. Судот во тој дел беше должен да донесе ослободителна пресуда, рече судијката.
-Се ослободувам од вината дека сум злоупотребила европски пари, а од друга страна сум обвинета затоа што не сум се придржувала до постапките за делата кои ми се товарат, притоа, постојано повторуваше судијката дека парите кои што се искористени за она што ме обвинуваат доаѓаат од оперативниот фонд на ЕУ, значи тоа се европски пари, за коишто претходно ме ослободува дека не сум ги злоупотребила, вели поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.
Димова, во изјава за медиумите по изрекувањето на пресудата, рече дека не е изненадена од пресудата.
-Не сум многу изненадена, особено затоа што во последните две три недели ги воскреснаа магарињата што се тренирани и мислам дека ова е уште една политичка игра, со таа несреќа што во овој случај двете страни и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат корист за тоа јас да бидам осудена, изјави Димова.
Според Обвинителството Димова, во периодот од 2018 до 2020 година, како одговорно лице – директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, со намера за друг да прибави значителна имотна корист, ја злоупотребила својата службена положба и овластување и постапила спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Непочитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др.
МИА






