Првичното дадено образложение беше дека градоначалникот и Советот на Општина Радовиш ги следеле јавните реакции и одлуки на останатите општини поради трагедијата во Кочани годинава да се паузира со општинските манифестации. Поради тоа била донесена одлуката оваа година да не се одржат забавно – гастрономските настани од „Самун ем татлија“.
Сепак, како што во јавно објавеното видео објаснува секретарот на Општината Љупче Почивалец, по бројните реакции и барање на граѓаните, манифестацијата се вража, но по изборите.
-Меѓутоа, бидејќи сме сведоци секојдневно во сите општини се одржуваат манифестации од ваков тип, а и на барање на најголем број на нашите сограѓани, дека оваа традиционална манифестација не треба да биде прекината, изјавувам дека и оваа година манифестацијата „Самун ем татлија“ ќе се одржи“, вели Почивалец во видео обраќањето.
Како што најави, веројатен термин за оджување е веднаш по вториот круг на избори, кој е закажан на 2 ноември, што се поклопува со настаните со кои ќе се одбележи 6 Ноември, Денот на ослободувањето на Радовиш.





