Андреј Ѓорѓиески, во јавноста познат како Андреј ДНК, животот го загуби во трагедијата во Пулс, која се случи за време на настапот на бендот ДНК на 16-ти март годинава.
Според кажувања Андреј имал можност безбедно да се евакуира, но одбил да го стори тоа и се обидувал да им помогне на присутните во дискотеката да ја напуштат побргу.
Андреј беше миленикот на публиката, беше музичка ѕвезда за која речиси и да нема човек кој не го сакаше, а младите беа вљубени во безвременските хитови на ДНК, кои имаа постојани настапи ширум државата.
Андреј е татко на 7-годишната Јана.
Роден е во Скопје во 1982, а набргу потоа неговото семејство се преселило во Косово, каде Андреј живеел до својата петта година. Завршува средно музичко училиште и музичка академија во Скопје, а во меѓувреме станува дел од бендот ТНТ, кој покрај Андреј, го сочинуваа и Виктор Крстевски и Живко Бадев.
Андреј се запознава со Владимир Блажев – Панчо, кој тогаш бил дел од ОК Бенд и двајцата решаваат да стартуваат свое поп дуо – ДНК во 2001 година со првиот сингл „Девојка за везден“.
ДНК освен што прерасна во најпознатиот македонски дуо бенд, станаа и големи хуманитарци. Помагаа на десетици семејства од ризик преку бројни донации. Од заработката од секој свој настап имаа фонд за донирање.
Андреј во македонската колективна меморија ќе остане запаметен како една од најголемите македонски музички ѕвезди и еден од најголемите хуманитарци меѓу јавните личности, кој не се поколеба ниту да го жртвува сопствениот живот за да помогне некому.






