Ице Андонов е името на момчето родено 2003 година, кое е меѓу 63-те трагично загубени животи во катастрофата во дискотеката Пулс.
Ице на своите 22 години беше глава на своето семејство. Во 2020 тој и неговата мала сестра го загубиле нивниот татко. Нивната мајка, пак, била потешко повредена во сообраќајна несреќа. Животот го принудил Ице на само 18 години да ја преземе улогата на лидер. Почнал да работи, најпрво во индустрија, а потоа започнал да се бави со келнерство во најголемата и најпозната дискотека во Кочани – Пулс.
Кобната вечер бил на смена на работа. Во моментот кога настанал пожарот Ице бил надвор на цигара. Кога видел дека настанала паника, се протнал меѓу луѓето и влегол во опожарената дискотека по својот другар. Кратко потоа на вратата настанало стампедо од луѓе, па Ице се сетил дека објектот има и втора врата која е заклучена. Отишол кај задната врата и се обидел со сила да ја скрши за да ја отвори и да успее да се спаси самиот и луѓето во дискотеката.
Но, не успеал.
Храброто срце на младиот Ице престанало да чука.
Неговото тело било пронајдено во близина на заклучената врата.
Телото на Ице е пренесено во Општата болница во Кочани, каде мајка му не успеала да го препознае. Мислејќи и надевајќи се дека е сеуште жив, го бара во штипската болница и на скопските клиники. Во целиот хаос името на Ице Андонов е помешано со друго лице со презиме Андонов и мајката добива неофицијална информација дека синот е испратен во Бугарија. Во попладневните часови мајката е повторно контактирана од институциите. На второто распознавање го препознава Ице во починатите…
Неговата другарка Елена се сеќава на него:
„Немаше дете што не го знае, злато дете. Уште не ни е верно дека го нема. Имаше кола, тоа му беше хоби, ќе земат кола, ќе ја едитираат, ќе ја преправаат и после таа кола да се носи на собир. Ќе и смени внатре и однадвор се живо и диво и после на тие собири иазбираат најдобро едитирана. Таков другар како него наоѓаш само еднаш во животот. Страшна трагедија.“
Возилото што го спремаше Ице за мотособир е однесено во Битола по неговата смрт.
Ден пред неговиот роденден, кога требаше да наполни 22 години, ја доби првата награда на мотособирот.





