Од првите пари купив машина за миење садови на мајка ми: Кој е Амар Мециновиќ од Левица?

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ (29) е кандидит за градоначалник на Скопје. Како млад пратеник сите го знаат, но кој е Амар Мециновиќ приватно? Како растел, каде растел, дали е дете со семејни вредности, ќе може ли да ги реши проблемите на скопјани..?

Амар е дете од Чаир, растел во семејство со еден родител.. Растел само со мајка му, на која капа треба да и се симне, бидејќи во денешно време е тешко да израснеш дете со семејни вредности, дете кое знае да почитува, дете кое го научиле само се бори низ животот. А Амар е токму таков, благодарејќи на мајка му, кој се посветила на неговото образование и воспитување.

Но, да почнеме од почеток, од Чаир, населба која некогаш беше гордост на скопјани. Населба во која жителите се чувствуваа како посебни..  А сега?

-Сега Чаир е слика и прилика за состојбата во Скопје. Во Чаир има локален патриотизам, дека  Чаир е најубавото место за живеење. Кога отидов да живеам под кирија во Карпош ми се шегуваа другарите, ми велеа сум отишол да живеам во Сарај. За нив се што не е Чаир и Центар е село. Хахахахах… Но, за жал не е веќе така како што чаирчани си замислуваат и сакаат да веруваат дека е истата општина како од порано. Чаир сега има ужасни услови за живот. Од една општина која им нудеше на своите граѓани се, преку принципот на дивеење на приватниот интерес е станата неподнослива општина  за живеење. Тоа значи дека секој кој има моќ, кој има пари, кој има политички врски  во општината може да прави што сака на штета на општината. Ние одамна немаме политичари на кои приоритет им е јавниот интерес. Тие се таму само за да ги исполнат интересите на нивните спонзори.

Што паметиш најубаво од Чаир?

-Многу деца. Ние се собиравме околу 50-60 деца во круг за дружење. Преку ден бевме поделени  на машки и женски друштва. Преку ден игравме фудбал, играме една игра Викторија, а  женските нормално ластик. А навечер се собиравме зедно и игравме Граница. Играњето Граница ми е најубавото сеќавање, бидејќи бевме огромна група на деца и беше доживување. Не само  што се социјализиравме, туку беше и прилика да се сретнеме со симпатиите и да бегаме заедно.

Како се дружевте тогаш, бидејќи детството ти почнува со конфликтот во 2001 година?

-Донекаде сите националности бевме на купче. Ама бидејќи јас сум роден 1996 година и моето детство почна после конфликтот 2001 година  за жал уште тогаш беа поделени децата. Бевме поделени на Албанчиња и неалбанчиња. Освен нив сите ние останати одевме во македонски училишта и некако се социјализиравме заедно, иако тоа не беше правило кое беше цврсто издефинирано, ама имавме комуникација. Но, за жал веќе во моето детство беа распознаени линиите кои и до ден денес ги има. Сето ова го кажувам со длабока жалост. За жал ние живееме во опшество кое ја стимулира  сегрегацијата. Таа охрбрува децата да немаат никаква комуникација, цело време се движиме на посебни манифестации, посебни културни настани, минимална е интеракцијата. Тоа може да се смени само ако почнеме  заедно политички да дејствуваме.

Какво детство имаше? Со оглед на тоа што си растен само со мајка ти веројатно не си ја нервирал многу?

-Јас сум растен во семејство со еден родител, со мајка ми. Мајка ми и татко ми се разведени иако имам комуникација со татко ми, но  мајка ми ми е се.  Се вика Фатима Шкриељ, таа е преведувач и професор по француски и италијански јазик, но цел живот работи во Македонски шуми.  Мајка ми растела на еден друг начин, нејзините родители се дојдени од Србија и потекнува од работничко семејство. Таа генерално беше под мобинг и притисоци, бидејќи никогаш не беше дел од политичка партија. Веројатно таа комбинација на рано освестување за политичките релности во Македонија, дека едноставно политичката  афилијација ти диктира како ќе ти се одвива животот. Во комбинација  со тоа што бевме семејство со една плата некако ме насочи кон идеологијата која денес ја застапувам, а тоа е левичарската идеологија.

Покрај мојот личен пример јас имам многу пријтели на кои  животите им биле диктирани од материјалните околности во кои растеле и се што имам сфатено е дека во ова опшество не се способностите тие кои може да те издигнат туку клиентелизмот и полтронството и тоа ме насочило во насоката во која што сум.  Родителите на децата од моите генерации имаат уште една трагедија за која веќе никој не зборува. Мајка ми имала околу 22 години кога и се распаднала државата. Таа е родена, учела и завршила факултет во една сосема нормална држава, која пружала услови за своите млади. На сите тие генерации им се случува крах на општеството во 90-тите. Изгубена генерација која морала да се соочи  со предизвици за кои никогаш не биле подготвени и научени да пливат во ова диво капиталистичко општество. И дека секогаш се труделе  повеќе од што можеле и животите ги посветиле  на пронаогање на пат за своите деца во едно  страшно нестабилно време и држава.

Веројатно не си ја нервирал многу, си бил послушно дете?

-Кон мајка ми секогаш сум гледал со почит, но како старем една работа ми е многу јасна, како најголема предност која сум ја добил од неа е интелектуалната стимулција. Јас паметам дека кога заспивавме дома таа одеше со книга во кревет и јас одев. И во моменти кога не ми се читаше  бев подбутнуван од неа  да читам.  Ме стимулираше во разни насоки.  Ми исполнуваше се што ќе посакам, но во доменот на нашите можности. Јас не можев да одам на тенис, тоа е скапо, но одев на гитара, бидејќи таа беше дел од мандолинскиот оркестар. Па се компензираше. Таа даваше часови по француски на детето на мојот професор по гитара.

Тоа ми е многу мило. Таа интелектулна стимулација ме има опремено да бидам колку толку способен за ова општество. Денес и тоа како сум и благодрен што ме насочи кон  образованието. И како  поминува времето се повеќе и повеќе тоа го разбирам. Сега имам многу обврски и немам свое семејство. Но, кога ќе размислам да имам колку дополнителна енергија би ми требало да го правам сево ова и плус да стимулирам дете во една вистинска насока е навистина надчовечки напор.

Колку се мешала во твоите избори, односно колку те насочувала?

-Јас имам завршено политички науки, таму сум лауреат на  Иво Пухан на ораторските вечери. Во текот на студиите се занимавав со истраживање, но додека студирвав сфатив зошто студиите мора да бидат бесплатни. Кога имав 18 години бев целосно независен од мајка ми ама независен во смисол дека подмирив се ама немав денар за себе. Хахахах… Морав сам да заработувам,  па работев многу работи. Па првите две години од студирањето немав ниту лап топ за работење. Кога победив  на ораторката вечер добив 500 евра награда. Утре дента имав интервју на телевизија и кога ме прашаа што ќе си купам од парите јас како од пушка, со изблив на среќа реков- лап топ. На тоа новинарката се сврте и зачудено ме праша- па зарем немаш лап топ?! Мене ме фати срам во тој  момент и реков дека имам некој стар ама дека сега ќе си земам нов.  Од тие пари навистин земав лап топ, но  и машина за миење садови на мајка ми. Затоа што памтам една сцена од моето детство која ме трогна.

Едно утро станав  во шест наутро и ја видов мајка ми средена за на работа како мие садови  Тогаш ми светна во глава дека тоа не треба да биде така. Си го ветив тогаш и го исполнив.  Сум работел и други работи. Работев како курир и на точак разнесувавме писма, на 17 и 18 години летатата работев градежни работи, работев на бензинска, работев во кол центар за пици за канадски пазар. Ги примавме нарачките. До ден денес ми текнува  сценариото како да се јавам, што треба да кажам. Но,  од сите работи што ги набројав тоа ми било најмачната работа. Се чувтсвував како робот, се јавуваш и во разговор од 2,5 минути го кажуваш истото сценарио. Стотици идентични повици. Најстрашно е што работевме исклучиво трета смена и се до еден беа  македонски студенти. Значи постојат  странски фирми кои ги експлоатираат младите македонски студенти, кои немаат друг избор освен цели вечери да работат  за мизерни пари,  работи кои отапуваат и потоа им пречат за нормално функционирање во секојдневието. По кол центрите работев и како фриленсер. Работев и истражувања во доменот на политичките науки и на крај професионално се ангажирав во Левица.

Беше лудо дете?

-Комбинција. Не бев баш мирно дете. Сакав да се дружам иако скоро до 18 години имав ограничување за излез, максисмум до 12.30 часот. Тогаш тоа ми изледаше како оков, често се каравме со мама кога требаше да си дојдам дома а ми се седеше уште. Тогаш имав чувство дека сите мои другари остануваа, а јас морав да се вратам. Од овој аспект сфаќам дека тоа било правилно, мајка ми поставила некои граници на функционирање. Ама морам и да потнцирам дека кога веќе станав студент бев слободен, излегував и се социјализирав. Генерално се дружев со деца од мојот социјален слој, нашите млади години го издефинира недостатокот на финансии. Како млад човек во градов не можеш да се социјализираш, а да не мораш нешто да платиш. Пари требаат за кафуле, за во кино или било каде. Нема програми за социјализирање на младите.  Затоа имавме две опции или да седиме на клупа, како што правевме, или да платиш на некој приватник за да направиш журка во кафуле. Значи треба да платиш за да се социјализираш.

Ние како општество треба да им помагаме на пензионерите, тие го полнеле фондот  и сега треба да им се оддолжиме. Ама луѓе, најмалку пари имаат младите. Треба оваа држава да им се посвети на нив.  Учев средно во „Јосип Броз“ и главна занимација ни беше пишување графити, а како најдоминантна контра култура беше рапот и хип хопот, па возење скејтови. Мене најмногу ме привлече цртањето, бидејќи имам афинитети кон цртањето, а глумев и во аматерски претстави. Цртавме графити и бегавме од полиција. Кога имв 13-14 години се носевме скејтерски, многу широки панталони иако дома негодуваа. Но, тоа се фази кои треба да им се дозволи на тинејџерите.

Како реагираше мајка ти кога и кажа дека ќе станеш дел од Левица и ќе навлезеш во политиката?

-Немаше реакција, бидејќи тоа беше процес кој траеше многу долго. Прво јас идеолошки се издефинирав и  мајка ми знае дека сум марксист од 15 години. Не велам дека тогаш со мене резонирала класната борба низ историјата ама нешто резонирало и било доволно за да ме отвори кон тој светоглед кој потоа само се надоградувал. Мојот афинитет кон политиката за неа беше познат уште од моите тинејџерски денови. Кога дојде време да се запишам на факултет јас се подготвував да се запишам на ФДУ. Но, можеби еден месец пред приемен  актерите со кои се дружев ме разубедија. Немој, не ја бива работата, нема работа…. Така ми велеа. Дојдов дома и на мајка ми реков- ќе одам  на политички студии. На неа и падна камен од срце.  Мајка ми никогаш не ми првеше притисок при избор. Не скала да студирам на ФДУ, но никогаш не ми го кажа тоа. Кога почнав да студирам  веќе почна да се формира Левица. Е тоа е моментот. Јас на 19 години го дадов својот потпис за формирање на Левица.  

Како реагираше мајка ти кога реши да се иселиш од дома?

-Јас неколку пати сум се иселувал од дома и сум живеел со девојки под кирија. Последнава деценија во три различни врски, но кога  ќе завршела врската сум се враќал дома. Конечно на 27 години  се иселив од дома. Мислам дека еден од главните причини за мојот политички ангажман е прашањето за домување. Како млад човек мислам дека тоа е најгорливото прашање.  Колку за илустрација. Во Македонија има 300.000 празни станови а секој од тие станови може да биде нова економска клетка, може да биде ново семејство. Станот не е смо за домување, станот е подлога за цел економски и општествен живот на еден човек. Едноставно така се создават прилики за нашите млади. За мене, како и за цела моја генерација, проблемот со домувањето почнуваме да го чувствуаме на 20 години. Но, верувам дека зборувам за мнозунството млади луѓе, на скоро 30 години им се чувствува фрустрацијата, едноставно ни треба свој животен простор. Ама за жал  јас сум и привилегиран со тоа што можев да се иселам од дома, додека најголем дел од моите врсници не го имаат тоа иако и работат. Но, повеќето се на договори на определено време и не можат никаде кредит да подигнат. Не можам да ја опишам фрустрацијата на младите кога се шетаат низ Скопје и гледаат дека на секој ќош никнуват згради, а тие се толку далеку од свој сопствен стан.

Тоа е болно и фрустрира. Еве јас имам 29 години, успеав да се иселам од дома. Станав пратеник и се иселив, што е многу тажно. Па не можеме сите да бидеме пратеници под 30 години. Јас доаѓам од работничко семејство, сме немале вишок стан, сме немале пари под перница и јас  земав хипотекарен кредит и уплатив стан. Немав ни за учество, па земав потрошувачки кредит. Во Македонија околностите се душмански за младите  луѓе, се е за креирање на профит за малкумина. Младите не можат да си го решат проблемот. А нам како држава најважно ни е да ги препуниме истите сопственици на банки, на фирми, да можат да си купат и вотра и трета јахта, додека нашите млади се иселуваат зашто немаат пари да си купат стан. Тоа едноставно е предаторски.  Но, да се вратам на мене, на мајка ми овој пат и беше јасно дека ова е мое дефинитивно иселување и ќе трганам по свој пат. Мајка ми дури и ме охрабрувала во многу ситуации. Сега ми е жал што помалку ја гледам зашто имам многу работни обврски, но тоа е живот. Јас сакам да бидам родител каков што беше мајка ми.

Неизбежно е прашањето дали си сингл или имаш девојка?

-Од јануари сум сингл. За женење не знам, иако веќе дома чувствувам притисок на таа тема.  Се замислувам како татко, би сакал да се остварам како родител. Иако не брзам, сметам дека љубовта е многуслојна работа. Како човек созрева, така се менуваат приоритетите. Се менувам и јас. Сакам семејство особено затоа што јас сум растел во семејство со еден родител.

Имаш ли пороци, каква музика слушаш и каков атомобил возиш, сепак, млад човек си?

-Да, за жал цигарите ми се порок. Пушам од средно и мислам дека, како и сите во мои години, ја запалив првата цигара за да изгледам покул. Не се гордеам со тоа што пушам. Алкохол не, најнеомилена пијачка ми е пиво. Дрога не. Многу планинарам. Планината е мојот порок. Кога ќе седам дома и кога ќе го видам планинарскиот ранец ми иде порив да се качам на планина. Планирам после изборите, првиот слободен викенд, незвисно од резултатите, да го поминам во шатор на планина.  Најмногу слушам прогресив рок. А за возење, возам семеен автомобил  „шевролет караван“ од 2009 година, го возам од ноември до март. А пото сум цело  време на велосипед. Тоа не е од популистички причини туку е така цел живот и така ќе продолжи. Убаво ми е кога возам велосипед. Во Скопје има многу умни луѓае со паметни идеи, само треба да им се тргнат притисоците на политиката за да можат д излезат на површина нивните способности.

Имаш 29 години, со што ќе ги натерш лугето да ти веруваат дека ќе ги решиш проблемите на Скопје и да те гласаат?

-Не можам да ги убедувам. Јас можам и сакам да им кажам кој е мојот резон, зошто сметам дека не е погрешен, туку напротив правилен избор. Прва работа е што сум израснат во овој гнил систем. Роден сум кога Скопје го доби првиот градоначалник на избори. Цел живот живеам во услови кои ги има креирано оваа политика. Мојата политичка  генерација сака да го види крајот на оваа ВМРО-СДСМ приказна. Се што знаеме се ВМРО и СДСМ и сакаме промена. Не се плашиме од големиот чекор, бидејќи немаме што да изгуиме. Второ, таа функција која досега ми била доделена, а тоа е пратничката функција  сметам дека во изминатите година ипол дена  ја имам оправдано. По мое скромно мислење ја вршам државната функција така што таа ќе направи  најмалку трошок за државата, а ќе има најмногу ефект. И  третата најклучна работа зошто треба да ја дадат својата поддршка  е тоа што не сум дел од криминалните тендер  шеми кои досега ни ги управуваа животите, ни ги одзимат годините и ни го уништуваат достоинството…

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ