Тоше Богданов е момчето кое сакајќи да ја сподели најголемата радост – добиениот син, ги собра своите другари во кафеана за да го прослават заедно убавиот настан. Вечерта на 15-ти март во 21:20 часот Тоше ја објави својата последна фотографија – 16 другари на една маса со кратка порака „За Богдан“.

Од кафеаната неколкумина од нив заминале во дискотеката Пулс. Околу 5 часа подоцна, започна пожарот кој однесе најмногу животи во историјата на државата.
Не е многу познато како се одвивале настаните за време на несреќата, но кога осамна најтажното утро за Кочани и државата, тројца од другарите на прославата не ја дочекаа светлината на денот – Тоше Богданов, Александар Ѓорѓиев и Ѓорѓи Величков. Сите од Облешево, кое е лоцирано на само неколку километри од Кочани. Тој ден Облешево загуби седуммина свои жители, што по Кочани, го прави населено место со најмногу жртви.






