За монографијата за неговиот син Филип Стевановски, музичарот кој загина во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, професорот Маријан Стевановски вели дека почнал да ја пишува од моментот кога се случил пожарот. Монографијата ќе се промовира на Џез фестивалот во Куманово, то ќе се оддржи во Занаетчискиот дом куманово на 14 и на 15 октомври.
Првата вечер ќе биде посветена на Филип Стевановски со промоција на монографијата, документарен филм за него, и свирење негови авторски композиции. Втората вечер е интернационална џез вечер.

„Монографијата ја пишував од моментот кога се случи трагедијата до моментот на објавата. Тоа значи околу 6 месеци. Монографијата има 500 страници кои се исполнети со текст и илустрации. Оваа монографија не ја пишував само како сведоштво за неговиот живот, туку и како обид да го претставам неговиот краток, но многу плоден живот преку спомени, преку музиката што ја создаваше, преку луѓето што ги допре со својата добрина, екстровертност, љубов, почитување и дружење. Тоа е мост помеѓу времето што го живеевме заедно и времето што доаѓа, во кое сакам Филип да остане присутен како инспирација и како звук што не исчезнува. Со оваа монографија сакам да го сочувам сето она што беше тој: неговата чувствителност, храброст, уникатен музички дар, неговата топлина и онаа посебна светлина што ја носеше со себе, за неговото семејство, за пријателите, за идните генерации кои можеби никогаш не го запознале, но ќе можат да го почувствуваат преку монографијата“, ни рече Маријан Стевановски, редовен професор на Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе и на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола.

Стевановски е и лиценциран самостоен научен истражувач, а се занимава и со музика и планинарење.
„Морав да соберам сила да пишувам затоа што Филип го заслужуваше тоа. Да биде незаборавен. Кога свиреше, се добиваше впечаток дека светот застануваше. Таква беше неговата моќ, такво беше неговото влијание. Филип не беше само наш син, брат, сопруг, татко, пријател, другар, колега, туку и наша инспирација, генијален уметник чија музика допираше до срцата на многумина. Со секоја мелодија што ја создаваше, со секој тон што го свиреше, тој оставаше свој печат на емоција, на убавина, на живот. Неговата музика беше неговиот глас, неговиот свет, неговата порака до светот. И таа музика ќе продолжи да живее, засекогаш како сведоштво за неговата страст и неговата уметност. Неговите дела ќе живеат вечно, како спомен на неговиот талент, умешност, визија, посветеност и исполнителност.

Но, повеќе од сè, Филип беше наш сакан ‘најмил татичко’ на својата ќерка Лора, сакан сопруг на сопругата Ирена, наш сакан син, на мајката Снежана која секогаш велеше ‘мил на мајка’ и мене, таткото Маријан, при што кога ќе се видевме или чуевме, секогаш му велев ‘кај си Филе’, неговата сестра Кристина која го нарекуваше единствено и најсакано братченце. Тој беше тука секогаш кога беше потребен, со насмевка што можеше да ги разведри сите оние кои во дадениот момент беа тажни. Беше син кој ни ја даваше најголемата гордост, со својата добрина, посветеност и љубов. Беше душа која знаеше не само да ги слушне другите, но и да ги разбере и да им помогне“, ни рече Стевановски.
Целиот текст прочитакте го на sdk.mk






