Со голема роденденска прослава и свеченост, најдолговечната телевизиска емисија за шоубизнис во Македонија „Бекстејџ“ го одбележа својот 18-ти роденден во „Castello by Allikas“.

Настанот ги собра најголемите имиња од јавниот живот и културната сцена, создавајќи спектакуларна вечер на емоции, пријателства и спомени. Меѓу гостите беа: Игор Џамбазов, група Галија, Кире Лазаров, Александар Митевски, Мартинијан Кириловски, Ивона Јо, Антониа Гиговска, Слаткар, Стефан и Мартин Филиповски, Јован и Иван Јованов, Елвир Мекиќ, Влатко Миладиноски, Орце Ѓорѓиевски и многу други јавни личности од Македонија, но и Балканот.

„Од првиот ден па се до денес, нашата мисија беше и останува иста, а тоа е да ја чуваме културата, да ја раскажуваме музиката и да ги споделуваме најискрените моменти од оние кои ја создаваат и живеат уметноста. Благодарение на сите вас успеавме да опстанеме, да пораснеме и да станеме дел од историјата на медиумската сцена во Македонија. Ви благодарам од срце што сте со нас сите овие години и продолжуваме заедно да пишуваме историја!“ – истакна уредничката и главен двигател на емисијата, Ева Јакимовска.

Во рамки на вечерта беа доделени и специјални награди и признанија за најуспешните артисти, проекти и личности кои оставија белег во изминатата година. Најдобар спортски клуб – РК Алкалоид, за континуираните успеси и промоција на македонскиот ракомет. Најдобар спортски настан – Европското првенство во џудо, кое ја постави Македонија на мапата на врвните спортски организации. Најдобра пејачка – Антониа Гиговска, за нејзиниот исклучителен музички развој.

Најдобар актер – Александар Микиќ, за врвната актерска игра и влијанието врз театарската сцена. Најдобра театарска претстава – „12-ка“. Најдобар музички проект – Игор Димовски и Пауза за ракија. Најдобар музички состав – Дац и Александар. Изјава на годината – Игор Џамбазов, чиј збор секогаш остава силен впечаток. Најдобар музички спектакл – „Културно лето Кисела Вода“.

Урбан хит на годината – Пајак и Елвир Мекиќ, за соработката која ја освои публиката. Хит на годината – Слаткар и Некст Тајм, за песната што стана химна на една цела генерација. Балкански трајни вредности – легендарната група Галија.

Со оваа прослава „Бекстејџ“ не само што одбележа значаен јубилеј, туку уште еднаш потврди дека е институција која ја дефинира и чува музичката и медиумската традиција во Македонија.









