„Книгите ми помогнаа да бидам подобар“ – Одблиску со Горан Марковски, кандидат за градоначалник од „Независни заедно“

Одмерен, отворен и секој збор на место. Таков впечаток се добива кога ќе разговарате со кандидатот за градоначалник на Скопје, професорот Горан Марковски, кандидат на граѓанската платформа „Независни заедно“. Марковски, кој е доктор на технички науки,  до минатата недела беше декан на Градежниот факултет, човек многу добро познат во неговата бранша. Но, кој е за пошироката јавност? Дали навистина е независен, бидејќи граѓаните досега виделе многу „независни“. Се обидовме одблиску да разговараме со него и да дознаеме повеќе каков човек е тој приватно, кој е кога ќе се исклучат камерите.

-Моите се галичани, но јас сум роден во Скопје. Сме живееле во кулите во ГТЦ, но по земјотресот сме се преселиле во Тафталиџе, така да живеењето во ГТЦ не го ни паметам. Татко ми веќе имал плац во Тафталиџе и по земјотресот, бидејќи сме живееле на седмиот кат, мајка ми не сакала да се враќа во зградата, па сме живееле во Гостивар кај нејзините родители додека да се изгради куќата. Целото мое детство, младост, па и подоцна, речиси целиот живот ми помина во Тафталиџе. Од пред неколку години се преселив во стан во Буњаковец. Татко ми беше новинар, а мајка ми домаќинка. Сум имал класичен маалски живот, како и сите деца во тоа време. Бевме поголема група деца и навистина имавме прекрасно детство кое ни помина по нечии дворови и на улица.  Подоцна се запишав средно во „Орце Николов“ и бев добар ученик. Навистина  учев.  Тоа беа златните години на Југославија и од тогаш носам многу спомени. Во целиот овој период голема љубов ми беше кошарката. Покрај учењето сакав да играм кошарка, но не станав кошаркар, бидејќи тогаш бев прва генерација кога се донесе законот и веднаш после средно мораше да се оди во војска.  По матурирањето бев првенец на генарација во „Орце Николов“ и бев сериозен во учењето. Кога заминав во војска дефинитивно се збогував од спортуваањето. И мислам дека не погрешив.

Зошто баш градежништво, Ваша лична желба или желба на родителите, како кај многу деца?

-Одлуката што ќе студирам мислам дека ја донесов во гимназија.  Се натпреварував на натпревари наречени „Наука на млади“ , а јас се натпреварував на тема- тектонски земјотреси. Нашето училиште имаше договор со Институтот за земјотресно инжинерство и Институтот за метрологија и дел од  учениците кои одеа по натпревари се подготвуваа таму. Мене ми падна Институтот за сеизмолофија, се подготвував за натпреварот со експерти од таа област и во тој период се случи големиот земјотрес во Црна Гора, па како соработник имав можност преку ИЗИС да ги добијам сите информации. Поради тоа јас го освоив прво место во Југославија. Осоколен од успехот, од победата, ги прашувам повозрасните каде да студирам и ми рекоа или Градежен или Сеизмлогија. Јас одлучив да се запишам на Градежен факултет. И не згрешив.

А ноќта пред да се случи разорниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, дошол навечер дома татко ми и и рекол на мајка ми-ајде спакувајте се ќе одиме во Гостивар! Било доцна, мајка ми негодувала, но сепак, го фатиле последниот шинобус на полноќ и заминале за Гостивар. Тогаш не сме имале автомобил. Кога сме стасале таму мене ми се слошило, а сум имал само две години и мајка ми рекла- нема да се распакуваме, утре се враќаме во Скопје. Тоа наше утре се продолжи за уште една година. Утрото фати земјотресот, Скопје беше разрушено и ние следната година, додека татко ми да ја направи куќата во Тафталиџе, сме живееле во Гостивар.  Зградата не се сруши, во станот имало напукнати ѕидови, но поради страв никогаш повеќе не се вративме во станот.

Не бевте свесен дека животот и кариерата ќе ви помине на Градежен факутет?

-Не. Кога јас се запишував таа година се запишаа 450 бруцоши. Оваа година се запишаа 124, а пред две години само 80. Тоа време градежништвото беше многу популарно, златен период. Тито само што умре и се уште немаше криза. Луѓе со една година работење во странство купуваа станови. Имаше многу силни студенти, дури 15 завршивме порано од предвидениот рок. Не знам дали добро или не, но си го скративме студентскиот живот. Имаше врвни студенти од цела Македонија. И се учеше. Мене студентскиот живот ми помина многу брзо, претежно во учење. Имало и журки и излегувања, но ако треба  со еден збор да го опишам студентскиот живот јас ќе речам-учење.   

Ве тераа ли одма после дипломирањ да се жените? Каде ја запознавте сопругата, на некои од тие студенски журки или?

-Да, како и секои родители. После дипломирање женачка, нема што да се чека. Сопругата ја запознав во диско на журка. Таа студираше Архитектира. Се запознавме на почетокот на студирањето и цело време додека студиравме бевме заедно. Во тоа време не се чекаше, си отслужил војска, си дипломирал и веднаш се жениш. Така, јас станав татко на 25 години, се роди ќерка ми,  а подоцна добив и син.  За денешни услови доста млад.  Откако го положив последниот испит ме повикаа професорите од катедрата за бетонски конструкции и ми понудија да останам на факултет.  Мене тоа не ми беше ниту на крај памет, ниту, пак, знаев како се останува на факултет, кои се условите. Бидејќи професорите беа строги се зачудив, за да влезеш кај нив требаше силна причина. Ми понудија да останам на факултет кога ќе се отвори можност. Тоа беше 1986 е почнаа проблемите со распаѓањето на Југославија. Рестрикции на струја, гориво, масло… почна голема инфлација.

Ја снема сигурноста. Почна да станува и криза за градежништво, да снемува работа. Јас имав среќа да се вработам во „Искра Делта“ во Љубљана. Ме примија и скоро две години работев таму. За себе велам дека можеби сум единствениот кој од Словенија се вратил во Македонија. Имав огроми примања.  Платата ми беше дупло поголема од првата плата на факултет кога се вработив. Многумина ме правеа луд, но сепак, тоа беше момент, а и тоа ми беше струката. Во 1988 година се вратив и до ден денес останав на Градежен факултет. Почнувајќи од  помлад асистен и еве до денес како декан, бидејќи денес ми е последниот дена, ми заврши мандатот. Имам уште три години до пензија. Ме прашуваа зошто не конкурирам повторно, но мислам дека направив многу за факултетот и задоволен сум. Се пријавив за декан за да му се оддолжам на Факултето и Универзитетот, бидејќи, да не се лажеме, она што сум денес е само благодарение на Факултетот и Универзитетот. 

Никогаш не сте се занимавале со политика?

-Во политиката никогаш не сум бил. Никогаш не сум бил член на ниедна партија, ниту сум посакувал да бидам. Сум бил посветен на струката.

На што сте најмногу горд во Вашата кариера?

-Најмногу се гордеам на неколку работи. Многу ми е драго што на предавање одам со страст, уживам. Се обидувам студентите да ги држам сконцентрирани на предавање, да ги засакаат предметите што ги предавам, а не се лесни. Се обидувам да внесам љубов, да се вљубат во предметот. Исто како што се однесувате кон партнер/партнерка кога се вљубувате. Ако сакате да ги освоите мора да имате страст.  А за да ги освоите мора да знаете што сака, што не сака. Така е и со армираниот бетон. Направив брошура насловена „Љубовна приказна“, која се обидува на материјалната врска меѓу бетонот и арматурата да им даде  една љубовна конотација. За да видат судентите дека дури и во вакво нешто може да се најде љубов. Без љубов во струката е исто како да љубите без страст. Тој мотив за предавање, за пренесување на знаењето ме држи до крај. 

Во однос на научно истражувачката работа се гордеам на исклучителната соработка што ја имаме со  Универзитетот од Бохум од Гермнија, со професорот Питер Марк, раководител на катедрата за бетон. Тој е еден амбасадор на Македонија од најголеми размери, подржувач на нашиот факултет, на нашите лаборатории на нашите млади асистенти.  Тројца наши соработници од него добија стипендии за да докторираат на тамошниот универзитет. Една колешка веќе докторираше, едниот колега е таму и за некој месец треба да докторира и уште една колешка, тие се со времен престој во Германија и потоа ќе се вратат.

Ако се вратат?!

-Да, да ќе се вратат, но ќе ни се вратат со сосема поинакви погледи кон научните истражувања, кон академскиот живот, кон академските барања и на тоа сум особено горд. Се надевам дека соработката со Универзитетот ќе продолжи и после моето заминување во пензија.

Како експерт за бетон, колку ви пречи бетонизацијата на Скопје?

-Бетонизацијата ми пречи, секако, но третиот елемент на мојата гордост се делата што ги оставаме зад себе. Имав привилегија да ги испроектирам двата последни моста во Скопје, а тоа е мостот „Михајло Апостолски“ на булеврот АСНОМ и  мостот на улицата „Љубњанска“, кои  за жал се уште се само мостови, не се дел од сообраќајниците. Тоа е врвно дело во градежништвото. Ми е драго што со мојата асистентка, сега веќе доцент, Марија Јованова, ги проектиравме овие мостови.

Секојдневно ги учите студентите на вредности, но како родител, кои се вредностите на кои ги научивте децата? Тргнаа ли по вашите стапки?

-Имам син и ќерка и имам двајца внуци од ќерката. Внуци јунаци. Децата сакале не сакале примаат од родителите и со сопругата сме се обидувале да им ги всадиме основните вредности. Генерално сум среќен што се пристојни членови на оваа заедница. И двајцата тргнаа по моите стапки, цело семејство градежници. Чувството да се биде дедо е прекрано. Поголемиот внук има осум години, а помалиот има две. Се зборува дека внуците повеќе се сакат од децата. Јас не знам дали е тоа така. Но, дека односот кон внуците е посебен тоа е вистина. Среќен сум со децата и имам голема поддршка од нив.

Во целата трка со времето и обврските колку наоѓате време лично за себе, за музика, театар, пешачење, велосипед…?

-Со  задоволство возам велосипед секогаш кога можам.  Музика слушам постојано. Не можам ниту да работам без музика, така сум научен. И уживам да пишувам. Пишувам учебници, но пишувам и текстови кои дирекно не се поврзани со струката.Читам книги. Уживам во тоа.  Кај нас во акдемијата читањето книги надвор од струката некако како да ни создава грижа на совест. Да читаш белетристика или  било што кога можеш да читаш нешто стручно за да станеш подобар некако ти создава грижа на совест. Но, тоа е задоволството во слободното време. Имам и друштво од средно училиште со кое се гледаме, си муабетиме.

Како ги замислувате Вашите пензионерски денови, со оглед на тоа што сте многу активен. Играње шах на клупа, мирни и спокојни денови..?

-Ова е добро прашање на кое што јас се уште барам одговор. Знаејки се не верувам дека ќе останам пасиевен и ќе седам во парк и ќе играм шах. Но, ќе се обидам и да редуцирам од активностите. А што би сакал? Би посакал да имам спокоен живот и во убава атмосфера да можам да пишувам стручни книги. Пишаниот збор не прави бесмртни. За овие години многу сум работел, над 2000 проекти ми поминале низ раце. Затоа би сакал на тераса во Охрид да си седам и да пишувам.

Кампањата е веќе почната и секоја нова кампања е повалкана и повалкана.  Што очекувте од Вашите противници, кои засега молчат. Не ве сметаат за конкуренција, нема што да кажат или можеби ве чуваат за вториот круг. Сепак, важите за најбогат декан?

-Или најбогат или најискрен. Можеби јас сум прикажал се што имам.. Но, за мене е поважно како сум дошол до парите, а не колку имам. Човек  не треба да се срами ако има, но зависи како ги заработил. Тоа е разликата. Јас имам една трансакциска сметка во една банка и се оди преку неа. Немам што да кријам. Тоа ми било начело да работам чесно. Се е заработено со знаење и со многу труд.  Јас кога станав декан, кога го пополнував анкетниот лист ја внесов и вредноста на стручната литература. Претпоставувам дека сум единствениот што тоа го има направено, бидејќи кога ја погледнав библиотеката во кабинет видов цел ѕид со книги. Таму сигуно има вложено десетици илјади евра, а тоа ми помогнало за да бидам подобар и да заработувам повеќе.  Во кампања влегов со искреност и да видат граѓаните на Скопје дека може и поинаку.  Што се однесува до имотот, немам што да кријам. Имам куќа од татко ми, имам стан во Скопје и Охрид и возам „порше“, кое е купено од трансакциска сметка. Но, морам да признам дека со велосипед ми е поубво, попријатно се чувствувам. Сакам да патувам, но на некои помирни места, мали места каде може да се почувствува духот.

Со оглед на тоа дека веќе си имате свои акдемски заработени пари, дали значи дека доколку станете градоначалник ќе работите чесно, без корупција?

-На тоа не ни помислувам. Секој за себе вика дека е чесен. Но, она што јас би го направил за да навистина луѓето видат дека е чесно е потполна отвореност за финасиското работење, а тоа значи секоја трансакција од сметката на Градот ќе биде објавена на интернет страната. Само така може да се докаже чесното работење. Потполна транспарентност, во сите одлуки за финансии вклученост на партиите кои ќе бидат во Советот, за да дојдеме до најдобри решенија и се намалат трошоците. Транспарентноста е она за што ќе се залагам. Професорската плата мислам дека е поголема од градоначалничката. Ако ми беше за пари, немаше да се кандидирам. Ако ми беше за мир немаше да се кандидирам. Ова е она што јас го чувствувам како општествен одговорност. Но, ако не прифатев ќе се чувствував како кукавица и тоа ќе ме следеше до крај на животот.  Ако не прифатев треба да си ја затворам устата и за се што ќе се случува во опшеството ќе треба да си молчам. Тоа беше единствената причина за тоа зошто прифатив. Тоа преовлада за да не се чувствував грдо од самиот себе си…

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ