Местење на тендери од 1,2 милиони евра во РЕК – Обвинителството бара притвор за Марковски

Основното јавно обвинителство Битола донело Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола. во износ од 1,2 милиони евра. За сопствениникот на компанијата „Марковски компанија“ – Борче Марковски и за еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола, се бара притвор. За останатите шест лица, Обвинителството предлага изрекување мерки на претпазливост. Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.

Управата за финансиска полиција соопшти дека Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Битола доставила кривична пријава против лицата Б.М во својство на управител и сопственик и А.З. во својство на вработен во правното лице ДТПУ Марковски Компани Борче ДООЕЛ Битола и против лицата Б.Ч. во својство на  Раководител во Подружница РЕК Битола – Новаци во Сектор за производство во ПЕ Рудници во Рудник Брод-Гнеотино, Д.П. во својство на Технички директор на Рудници во Подружница РЕК Битола – Новаци, Д.В. во својство на Технички Директор на ПЕ Рудници при РЕК Битола, В.Ј. во својство на Помошник директор на производство во Подружница РЕК Битола – Новаци во Сектор за производство, П.М. во својство на Директор на АД ЕСМ, во државна сопственост Скопје – Подружница РЕК Битола – Новаци во период од 24.11.2021 – 03.09.2024 година, А.Ј. во својство на Раководител во Подружница РЕК Битола – Новаци, во Сектор за производство во ПЕ Рудници во Рудник Суводол во Служба производство и против правното лице ДТПУ Марковски Компани Борче ДООЕЛ Битола за сторени кривични дела “Злоупотреба на службена положба и овластување” по член 353 став 4 вв став 1 од КЗ и “Злоупотреба на постапка за доделување на договор за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство”, казниво  по член 275-в став 1 и став 3 од КЗ.

Како што соопшти Обвинителството, со предистражните дејствија кои по наредба на јавниот обвинител ги презела Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, се обезбедиле докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Сите тие не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола. Притоа, свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно до местото за дробење и до ПК Брод-Гнеотино, не е предвидена метода со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти), туку метода на дисконтинуирана технологија (булдожери, багери и камиони). При дефинирањето на условите за јавната набавка тие ги повредиле начелата на сразмерност и конкурентност и овозможиле на една фирма, односно на осомниченото правно лице, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери“, соопшти ЈОРМ.

Тројца од горенаведените раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК Битола се осомничени и за продолжено кривично дело – Измама во службата, бидејќи при реализацијата на договорот, иако знаеле и биле свесни дека правното лице воопшто не ги извршило договорните обврски, потпишувале записници и извештаи за извршена работа, со кои потврдиле дека во периодот од 26.02.2024 до 17.07.2024 година комплетно е извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола.

Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство според член 275в од Кривичниот законик.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ