(Видео) За две огромни градби кај Холидеј Ин и Треска има обвиненија, а сепак се издадени градежни дозволи – Билјана Ивановска, независен кандидат за Центар

Само транспарентноста е одговор на корупцијата по општините, е ставот на независната кандидатка за градоначалник на општина Центар, Билјана Ивановска, која во емисијата „Стадион“ на Канал 77 потсети на еден од предметите што го работеше како дел од Антикорупциската комисија. Се работи за парцелата што порано беше паркинг во центарот на Скопје, која со дозвола од општина Центар сега се градат висококатници. Овој предмет се’ уште стои во Обвинителството.

-За жал, го работевме ДУП-от кој не беше усогласен со ГУП-от, односно се надминаа стандардите за населеност – ако беше стандардот 500, со планот се надминува 4 пати.  Автоматски тоа се провлекува и кај возилата, беше проблем околу сообраќајното решение еве сега зградите се градат. Се надминаа стандардите и околу возилата – и еве се гледа се градат зградите, има уште три дела што треба да се градат. Можете да замислите како ќе биде тоа. Нашиот предмет од Јавното обвинителство се’ уште не излегол.  Значи, во општина Центар има две огромни градилишта за кои има обвиненија во Јавно обвинителство, и кај Холидеј Ин и кај Треска за кои има обвиненија, а се даваат во меѓувреме градежни дозволи и се градат.  Да не се разбереме погрешно –  не сум против градење, но сум против градење што не ги исполнува стандардите и  што утре носи проблеми. Ова градење  ќе носи проблеми, рече Ивановска.

Независната кандидатка Ивановска изнесе податок за пренаселеноста во општината Центар, поткрепено со фактот дека има 11.000 празни станови, но и покрај тоа се издаваат нови дозволи за уште 6.500. Кажа и за практиката подруми од овие згради да се издаваат за магацини, има недостаток на паркинзи и зеленило и наместо 25 квадрати зеленило по глава на жител, во Центар нема ни 10. Со ваквата динамика на градење, општината Центар оди кон густо населена општина со 6.500 жители на квадратен километар. Ивановска ја истакна политика на Љубљана да го ограничи населувањето со нови жители и како што рече, затоа Љубљана е Љубљана.

– Општ ставила стоп за населувањето. Цела Словенија работи во Љубљана, ништо не е забрането но си одат дома затоа што имаат убави патишта – за час и пол можат да бидат дома. Прво инфраструктурата да се изгради во државата – ние сме држава со 200-250 километри во растојание со убави патишта може секој да патува и да се враќа дома, рече Ивановска.

Три се приоритетите во нејзината програма – отворена и транспарентна општина, попис и безбедност на граѓаните.

Во однос на пописот, Ивановска објасни дека се работи за собирање на основните податоци врз основа на кои општина ќе знае со што располага од имот, средства до број на население за да може да планира.  

Во однос на пописот на имотот има нецелосно собирање на данокот на имот, затоа што нема регистер на имотот и општината чека кога некој ќе пријави – не е усогласено со Катастарот. Катастарот со општината мора да соработува и да се направи попис на имотот. Следно е пописот на паричните средства –   што должи кому се должи. Ревизорскиот извештај кажа дека има ненаплатени побарувања, рече Ивановска.

Билјана Ивановска, како независна кандидатка за градоначалник е на 149 место на долгото ливче на кое ќе гласаат граѓаните, а независната листа на советници е на 39 место. Го сподели впечатокот дека сите независни кандидати се некаде долу на листата и како што рече „не ѝ е многу логичен начинот на извлекување во ДИК, но тоа е тоа“.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ