„Се викаше Стефанија. Не можам да поверувам дека ја нема“ – сеќавање на Стефанија Алексова

Стефанија Алексова, родена 2004 година, е една од жртвите на трагедијата во Пулс. Меѓу кочанчани беше најпозната по тоа што се бавеше со фолклор, како дел од фолклорниот ансамбл во градот. Тие беа меѓу првите кои објавија дека Стефанија, срцето на ансамблот, повеќе ја нема:

„Го загубивме срцето и душата на Ансамблот. Стефанија, Цеце, беше член, соработник и тутор на нашиот колектив, секогаш одговорна и посветена. Научи многу деца и возрасни како да го сакаат и живеат фолклорот. Засекогаш ќе те паметиме“

Стефанија студираше во Бугарија, на Американскиот универзитет во Благоевград, каде ја паметат како исклучителна студентка:

„Стефанија, бистра и сакана студентка од втора година од Кочани, Северна Македонија, трагично беше одземена од нас. Оваа незамислива загуба нè остави во длабока тага, а нашите мисли се со нејзиното семејство, пријателите и сите што ја познаваа и ја сакаа. Не можеме да ја сфатиме длабочината на вашата болка, но ве молиме да знаете дека сме со вас. Вие сте во нашите мисли, и сме тука да ве поддржиме на секој можен начин.“

Коста Коцев е другар на Стефанија, кој кратко по несреќата зборуваше за неа:

„Се викаше Стефанија, бевме неразделни. Насмеана девојка и една од најдобрите личности што сум ги познавал. Не можам да поверувам дека ја нема.“

Коста се надоврза за одговорноста за ужасната трагедија:

„Сите знаеме кој е виновен — сопственикот на една најобична шупа, каде што за да влезеш мора да се наведнеш. Лажат дека имало два излеза. Имаше само еден, низ кој не можеше лесно да се помине. Бев често таму. Објект од 300 квадрати не смее да прими толку многу луѓе. Сè пламна како кибрит затоа што материјалот што го користеле за изолација бил високо запалив.“

Својот гнев и тага ги сподели и нивниот сограѓанин Гане Додевски:

„Тој ден требаше да го прославам роденденот. Ми дојдоа пријатели, роднини, се смеевме, се дружевме. А потоа стигнаа ужасните вести. Малку ми фалеше да колабирам. Не претерувам. Срцето ми застана,“ раскажува Гане.

Денес, седум месеци по трагедијата есента полека ги бои улиците на Кочани и Благоевград, но сеќавањето на Стефанија Алексова не бледее. Таа останува симбол на една прекината младост, на живот кој заслужуваше повеќе време, на девојка која живееше со отворено срце и остави трага каде и да зачекори.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ