На јубилејното издание на „Макфест“ ќе настапи Никола Коки Јанков и тоа не еднаш туку два пати. Во вечер на ѕвезди ќе настапи со песната „Виолина, за која музиката и аранжанот ги направи Дамјан Лзаров, а текстот е на Елвир Мекиќ. Во ретро вечерта, пак, ќе настапи со „Виолина и гитара“, песна со која Дуле и Коки пред 29 години победија на овој фестивал.
И по скоро 30 децении на оваа иста сцена повторно се појавува песна со „Виолина и…“, но овој пат Коки ќе застане сам.
-Во песната се зборува за двајца од времето, од кој едниот не е меѓу нас. Значи песната е посветена на Дуле. Дека се’ е исто ама не е. Исти кафеани, исто место ама без гитарата не е исто. Не сум јас за настапи по фестивали ама, сепак, бидејќи станува збор за „Макфест“ а се почна од тука, нормално е дека прифаив. Јас бев поканет да ја отпеам „Виолина и гитара“ за 40 години „Макфест“, но еве излезе и оваа песна и ќе ја отпеам во другиот дел. Интересно е што идната година е 30 години од „Виолина и гитара“. Драго ми е дека вака се редат работите и дека ова ќе значи подготовка за идната година, бидејќи сакам да направам голем концерт. Само не знам дали ќе биде на пролет или на есен, кога и беше промовирана „Виолина и гитара“. Се’ зависи од менаџерскиот тим. Знам една работа, се’ што ќе се случува од сега па понатаму следната година за мене исклучително вреди и мислам дека треба да се отпеат тие наши песни, меѓу кои е „Виолина и гитара“. Планирано е да има концерт со многу гости. Многу луѓе беа дел од животот на Дуле и Коки, и секој ќе биде добредојден. Ако успееме да направиме голем концерт ќе биде супер, вели Коки и додава:
-Инересно е што работам нов проект, а тоа се 20 песни од Дуле и Коки и „Тајфата“. Им направив нови аранжани и ги испеав. За сите тие песни ќе има видеа. Сето ова на некој начин треба да биде во стилот – да се случува нешто убаво, да нема веќе тага, а и 30 години „Виолина и гитара“ не е малку, рече тој.

Дуле го нема веќе 13-та година и бидејќи сите ги запознаа и засакаа заедно, Коки вели дека многу му било тешко по смртта на Дуле да продолжи сам.
-Тоа е клучното прашање, но верувај дека се’ уште сум како во магла. Многу работи ми се јасни, а многу се’ уште не ми се јасни. Покрај мене имаше многу луѓе, но не беше Дуле. Јас не сум некој лик со виолината, но чудна работа ме бараат, а за тоа најважен фактор се песните. И најважното е што јас цел живот сум и ќе бидам Коки од Дуле и Коки, без оглед со кого свирам. Се’ уште по мене на улица викаат Дуле, не мешаа тогаш и така остана. Помладите генерации ги знаат песните, но не знаат кој е Дуле, а кој е Коки. А беше тешко. Па јас на почеток немав храброст да ги пеам нашите песни, не сакав да се китам. Затоа после Дуле почнав друг стил на музика, променив многу стилови и опстојав. Сега е малку полесно. И луѓето направија јас да опстојам, бидејќи во тој момент на тага јас не бев паметен што да правам понатаму. Но, еве после 13 години јас сум супер. Се вратив во Штип, а последните две години и ќерка ми е тука, втора година средно медицинско и супер ни е. Се чувствувам добро, Лара ми е добро и имам многу неиздадени песни. Песни за четири албуми. Ама се’ е работа на Господ како ќе биде понатаму, вели Коки.
И после „Виолина и гитара“ Дуле и Коки испеаја многу убави песни, но нивна лична карта остана оваа. Ниедна друга песна не ја достигна таа популарност. А тоа значи дека е тешко да се случи уште еднаш ваква песна.
-Не. Нема шанси. Тоа се случува еднаш. Со Дуле имавме убави песни, но „Виолина и гитара“ веќе е евергрин. Таа песна белег на време, на фестивал, на нас двајца, на тој ритам и тој звук. Тоа е неповторливо, рече Коки.




