Експлозија во осумкатница во главниот град на Романија, Букурешт, предизвика уривање на катовите, објавија локалните медиуми, пренесува нова.рс.
Според последните информации, три лица ги загубија животите, додека најмалку 13 лица се повредени, вклучувајќи две деца. Службите за итни случаи сè уште ги пребаруваат урнатините, со помош на дронови и кучиња трагачи, во потрага по евентуални преживеани.
Експлозијата се случила во осумкатницата околу 8:30 часот по локално време. Сведоците велат дека слушнале „неописливо гласна детонација“ проследена со облак од прашина и чад. Горните два ката се целосно срушени, додека остатокот од зградата е сериозно оштетен и е во опасност од целосно уривање.
Експлозијата, исто така, го оштетила и училиштето „Димитрие Болинтинеану“, кое се наоѓа веднаш до зградата. Силата на ударот ги скршила прозорците, а учениците биле евакуирани во паника. Родителите се повикани веднаш да ги земат своите деца.
Станарите им кажале на медиумите дека веќе го пријавиле истекувањето на гас претходниот ден.
„Токму вчера имаше силен мирис во ходник, дојде екипата и рекоа дека сè е во ред. Утрово, кога одев на работа, повторно почувствував мирис на гас. Половина час подоцна, блокот експлодираше“, рече еден од жителите за Антена 3 Си-Ен-Ен.







