Организацијата на жени на политичката партија Левица излезе со реакција за скандалот објавен од Канал 77 во април годинава, кој, како што велат, сеуште нема разрешница:
„АФЖ Левица стои на страната на семејството, пријателите (некои од нив се обратија до нас) и споменот на загинатиот фотограф во кочанската дискотека, Александар Ѓорѓиев – Аце. Стоиме на таа страна, бидејќи на Аце му останале неисплатени финансиски средства од Алексансар Андов – Ќофте, директор на кочанско училиште, кој сега е носител на листа од ВМРО – ДПМНЕ во Кочани.
Ние од АФЖ – Левица, покажуваме крајно сочувство и емпатија за неговата трагична судбина, но и остро го осудуваме тоа што чесно си сработил, а не бил исплатен. Според нашите извори, парите биле ,,собрани”, но никогаш ,,предадени” на фотографот Аце.
Нашите извори велат дека директорот Александар Андов викан Ќофте не сакал да го исплати Аце за групното фотографирање на класовите во ОУ ,,Никола Карев”. Училиштето со тендер го ангажирало Аце да ги фотографира децата за табло, но надвор од тендерот побарале од него ,,да ги слика класовите групно и дека парите откако ќе бидат собрани од децата, ќе му бидат исплатени”. Девет месеца по сликањето, Ќофте го лажел Аце дека парите ќе му бидат дадени „утре“. За случајот Аце го информирал и пратеникот Миле Лефков на кафе во кочанското кафуле „Мр. Блек“, но и оттаму ништо. Прашањето е: Каде завршиле собраните пари?
Откако Аце го загуби животот во Кочанската дискотека – штала, обидувајќи се да им помогне на другарите и децата во пожарот во „Пулс“, Ќофте ја сменил тезата, па на новинарски прашања за групните фотографии, одговор му бил ,,тендерот”, а семејството на Аце го праќал кај класните раководители и родителите на учениците, од нив да си ги бараат парите, иако имало родители кои потврдувале дека парите се платени во училиштето.
И покрај сето ова, Андов без срам и со крената глава како и неговиот лидер Мицкоски, настапува во Кочани како носител на листа.

Андов треба да одговoри и за јавните набавки кои ги водел, како што се набавките на дрва. Прашуваме:
Дали набавките на дрва биле транспарентни? Дали се почитувани процедурите и јавната контрола?
Недозволливо е Андов да се крие зад кандидатска улога и да избегне одговорност!
Граѓаните заслужуваат јасен отчет. Повикуваме родители, сведоци, ученици или вработени со информации или сведоштва да се придружат во барањето на правдата.
АФЖ Левица нема да молчи и ќе го бара правото за Аце, за неговата ужалена мајка, за неговата фамилија!“ – стои во реакцијата од партијата.





