„Тему“ и понатаму ќе цвета: Македонците нема да се откажат од евтините пратки

Со најавените законски измени кои треба да се случат по локалните избори, малите пратки од странство кои досега беа ослободени од данок, ќе подлежат на обврска за плаќање на данок на додадена вредност (ДДВ) од 18 проценти. Веќе се доставена до Собранието предлог за измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува досегашното ослободување за онлајн пратки со вредност до 22 евра, но под кои услови?

Според предложените измени, единствен исклучок ќе бидат „мали пратки од некомерцијална вредност“, испратени од физичко лице на физичко лице, чија вредност не надминува 22 евра. Исклучокот не важи за тутун, алкохол, парфеми и слични производи.

Според податоците на Народната банка, само во првата половина од годинава граѓаните направиле онлајн купувања од странство во вредност од над 201 милион евра, што е раст од 55 проценти во однос на истиот период минатата година.

Со оваа мерка, првично во јавноста се остави впечаток дека на удар ќе се најдат евтините нарачки преку платформи како „Тему“, „Али експрес“ и други интернет-продавници, но дали е така?

Лазовски: „Ова се мачкање очи, суштински промени нема“

Даночниот експерт Славко Лазовски смета дека предложените измени не носат реална промена во системот и дека масовното купување од „Тему“ ќе продолжи.

„Ограничувањето беше пратката да изнесува до 22 евра и да не станува збор за тутунски или алкохолни производи. Со новите законски измени, немате никакво ограничување освен граѓанинот да мора да купува производи од физичко лице, односно продавачот да биде физичко лице, а не Тему како правно лице како што беше досега. Тој услов е никаков услов. Кога од другата страна ќе биде физичко лице е смешно ограничување, односно голема глупост“, изјави Лазовски.

Тој додава дека новото решение дури е и пошироко од досегашното, бидејќи на овој начин едно ослободување се заменува со друго, без суштински ефект.

„Во Законот за ДДВ постои принцип дека не е важно кој е зад царинската линија. Сега, за првпат се воведува вакво нешто, ама тоа не е никакво ограничување. Наместо Тему, како продавач ќе се јавува некое физичко лице, со што повторно ќе се избегнат дополнителни трошоци. Во материјалите кои се пред Собрание не е наведено дека целта е заштита на домашните компании — таму стои дека нема да има никакво влијание врз Буџетот“, додава Лазовски, кој оценува дека измените се донесуваат „за да се задоволат одредени барања“ и дека треба да се почекаат европските стандарди пред да се носат вакви одлуки.

Владата: Мерката е насочена кон поддршка на домашната економија

Од Министерството за финансии пак велат дека укинувањето на ослободувањето од ДДВ за малите пратки ќе има позитивен ефект врз домашното стопанство и ќе придонесе за поддршка на локалните компании.

Тие посочија дека околу 4 милиони денари месечно (65 илјади евра), колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство со укинувањето на ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра.

„Со оваа измена се очекува дел од средствата што одат кон странските онлајн платформи да се пренасочат кон домашните компании и да се стимулира домашното производство,“ наведуваат од Министерството, додавајќи дека мерката ќе помогне и во намалување на сивата економија и злоупотребите со увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се препродаваат на домашниот пазар.

Според материјалите доставени до Собранието, во Законот за данок на додадена вредност во членот 27-б во ставот 1 по точката 2 ќе се додаде нова точка 2-а која ќе гласи:

„2-a) добрата испратени од странство од физичко лице кои ги прима физичко лице со живеалиште или одобрен престој во Република Северна Македонија, доколку вкупната вредност на пратката не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, добрата да се испратени бесплатно и таквиот увоз да е од некомерцијална природа.

Кога вкупната вредност на пратката која се состои од две или повеќе добра го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, ослободувањето се одобрува до тој износ за добрата кои доколку би биле увезени поединечно би биле ослободени.

Кога вредноста на поединечното добро го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, неговата вредност не може да се подели заради остварување на правото на ослободување до висината на тој износ. Ослободувањата не се однесуваат на тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалаци, како и на парфеми и тоалетни води“.

Во исто време, се брише точката 26-а) и истата се однесува на:

„Пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност. Ослободувањата не се однесуваат на тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалоци, како и на парфеми и тоалетни води“.

Ова значи дека корисниците најверојатно и во иднина без никакви дополнителни трошоци ќе можат да нарачуваат мали пратки до 22 евра од Тему бидејќи се чини дека самата компанија ќе биде спремна лесно да се прилагоди на оваа промена во случај и во други европски земји да се донесат вакви законски измени.

К.Т.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ