Рамадани му одговори на Мицкоски и заканата за разрешување: „Има нешто поважно од јавната функција“

Повикот за обединување на Албанците во вториот изборен круг од страна на Хаким Рамадани, кандидат за градоначалник на Брвеница од ВЛЕН, го предизвика гневот кај премиерот Христијан Мицкоски. Рамадани кој е актуелен директор на Инспекторатот за локална самоуправа, на предизборна турнеја меѓу албанските иселеници во странство заедно со луѓе од ДУИ и нивната коалиција АКИ, рече дека Албанците треба да се поддржуваат. Како што рече,  општина Брвеница, каде противкандидат му е Јовица Илиевски од ВМРП ДПМНЕ, треба да ја добие Албанец, бидејќи оваа заедница е мнозинство во оваа општина. 

„Хаким Рамадани, заедно со тимот на АКИ, одат во дијаспората да бараат гласови, јас велам да, тие се наши браќа. Бидејќи овие браќа што се тука го дополнуваат буџетот со милиони евра. Општина Кичево и сите други општини каде што има албанско мнозинство секогаш ќе ги водат Албанците. Немаме ништо против другите народи, немаме ништо против македонскиот народ, но секој треба да знае кој е господар во својата земја… Општина Брвеница треба да ја води мнозинството затоа што тоа е демократско право… Кога сум градоначалник, велам дека ќе бидам за сите граѓани на Брвеница“, рече Рамадани.

На овие зборови реагираше Мицкоски, чија партија е во коалиција со ВЛЕН, кој рече дека со ова, Рамадани направи голема грешка.

„Направи грешка, особено за кандидатите за градоначалници од истата коалиција од која се кандидира. Замислете што ќе се случи сега со Тетово, Дебар, Струга и неколку други општини. Таков себичен чин од страна на политичар не е виден во поновата историја на Македонија. Навистина е жално. Можам да нагласам и дека во последните денови голем број претставници на меѓународната сцена и многу влијателни луѓе, бидејќи тоа стигна и до нив, така што и тие со големо жалење и едноставно неверица гледаат што слушнале. Она што го кажа овој кандидат за градоначалник влијае на неговата позиција во иднина, откако ќе ги изгуби изборите во Брвеница, ќе биде разрешен од функцијата во владата“, изјави Мицкоски.

По ова, Рамадани одговори дека има нешто што му е побитно од јавната функција.

„Честа, моралот и достоинството вредат повеќе од која било јавна функција.
Работев 17 години во Општина Брвеница – мултиетничка општина, каде што живеат и работат граѓани од сите заедници. Сите што ме познаваат знаат кој сум и каков човек сум. Не ме интересира што велат порталите за кликови и провокации, особено Инфомакс, кој ја започна оваа провокација за пресметки во други општини. Важно е да бидете искрени со себе, бидејќи начинот на кој медиумите го пренесуваат тоа е нешто друго. Нема да ја дадам мојата општина за никаква цена, ќе го заштитам секој жител на мојата општина, без разлика дали е Албанец, Македонец или друг народ што живее во општина Брвеница, одговори Рамадани.

Повиците за етничко гласање и обединување на Албанците преку гласање на кандидат Албанец, независно од партиската припадност меѓу двата изборни круга, се сериозна закана за владината коалиција меѓу ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН. Претходно Билал Касами, кој е кандидат на ВЛЕН за Тетово во вториот круг, во телевизиска дебата рече дека Албанците треба да гласаат за Албанци и го спомена Кичево, каде противкандидати се од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ/АКИ.

Премиерот Мицкоски веќе најави дека по изборите ќе следи мала реконструкција на Владата.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ