Кучиња со необичен изглед, потомци на домашни миленици напуштени по нуклеарната катастрофа пред речиси 40 години, беа забележани како шетаат низ зоната на исклучување во Чернобил овој месец, според организацијата „Кучиња од Чернобил“(Dogs of Chernobyl), која се грижи за нив.
„Моментално сме на терен и фаќаме кучиња за стерилизација, и тогаш наидовме на три кучиња кои беа целосно сини“, соопшти организацијата во објава на Инстаграм.
„Не сме сигурни што точно се случува“.
Мештаните рекоа дека само пред една недела, влакната на кучињата биле со нормална боја.
„Не ја знаеме причината, се обидуваме да ги фатиме за да откриеме што се случува“, додаде портпаролот на организацијата.
„Најверојатно дошле во контакт со некоја хемикалија“.
Иако се сини, кучињата изгледаат многу активни и здрави, според организацијата, пишува Њујорк пост.
Секоја година, „Кучиња од Чернобил“ (Dogs of Chernobyl), која е основана во 2017 година, обезбедува медицинска нега и храна на околу 700 кучиња кои живеат во зоната на исклучување од околу 47 квадратни километри.
Овие кучиња се потомци на домашни миленици чии сопственици морале да ги остават кога луѓето биле евакуирани по експлозијата на реакторот во нуклеарната централа Чернобил во 1986 година, една од најлошите нуклеарни катастрофи во историјата, пренесува телеграф.рс.







