Во видео обраќање на Фејсбук, Линдита Лимани Јованоска, сопруга на кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ во Кичево Александар Јовановски, побара од своите сограѓани да ги надминат етничките бариери и да гласаат за нејзиниот сопруг.
Во Кичево во вториот круг во недела граѓаните ќе може да гласаат за Јовановски и досегашниот градоначалник од ДУИ, Фатмир Дехари.
Професорката Линдита Лимани Јовановска е Албанка, која во бракот со Александар Јовановски, лекар по професија, има три деца.
Лимани Јовановска активно се вклучи во кампањата на нејзиниот сопруг, отворено зборувајќи за животот во мешан брак меѓу Албанка и Македонец, муслиманка и христијанин. Во интервју за ТВ Ора 22, зборува и за животот во Кучево, која според неа, независно од етничката припадност, сите ги имаат истите проблеми.
-Не се проблеми на Македонецот, на Албанецот или на Ромот, проблемите се исти. Ние имаме проблеми со водоводот, со канализацијата, имаме проблеми со кучињата скитници, со депонијата во центарот на градот од каде во текот на летото доаѓа миризба која не можам да ви ја опишам. Тие проблеми се на сите и не се само мои како Албанка или на Александар како Македонец. Ова треба да го сфатиме ние. Не станува збор за тоа дека ќе го снема знамето или албанскиот јазик и тоа треба да им биде јасно дека ниту знамето нема да биде тргнато албанскиот јазик нема да се смени тука во градот“, вели Линдита Лимани Јовановска.





