Руската нафтена компанија Лукоил, која работи и во Македонија, соопшти дека ја прифати понудата од глобалниот трговец со стоки „Гунвор“ за купување на ЛУКОИЛ Интернешнл ГмбХ, подружницата на руската компанија која ги поседува меѓународните средства на групацијата. Сите детали од понудата претходно беа договорени од страните, а ЛУКОИЛ сега се согласи да не преговара со други купувачи.
Продажбата беше неминовна откако беа воведени санкции од ЕУ врз ЛУКОИЛ. Дополнително САД неодамна воведоа санкции, а Велика Британија го стори истото една недела претходно.
Останува трансакцијата да добие одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на американското Министерство за финансии, која ги воведе санкциите. Може да бидат потребни и дозволи и согласности од регулатори во други земји.
ЛУКОИЛ има подружници во 11 земји, покрај Русија. Сите тие се де факто предмет на санкции од САД, но за фирмите во Азербејџан и Казахстан, OFAC го одложи воведувањето на санкциите до 14 октомври 2027 година.
„Гунвор груп“ е компанија регистрирана на Кипар, основана во 2000-та година од шведскиот милионер Торбјорн Торнквист и рускиот олигарх Генадиј Тимшенко. Во 2014 година Тимшенко го продаде својот удел на Торнквист година поради ризици од санкции.
Торнквист е мнозински сопственик на компанијата со близу 85 проценти сопственост, додека преостанатите, приближно 15 проценти се во сопственост на вработените.
Компанијата се смета за четврти најголем трговец со сурова нафта во светот. Поголемиот дел од нафтата што ја тргува „Гунвор“ доаѓа од Америка, иако се занимава и со нафта од Африка, Азија и Јужна Америка.





