Кочанчанецот Јорданчо Џамов е еден од жртвите на катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс, кој се случи на 16-ти март годинава.
Неговата сестра Розета Блажева е присутна на сите маршеви за ангелите кои се случуваат секоја сабота во Кочани.
Таа во своето гостување во „Претрес кај Ландов“ зборуваше за тешкотијата да се живее со фактот дека Јорданчо, како и 62 други млади луѓе, животот го загуби во трагичен случај, обвиен со многу пропусти, измами, корупција и други незаконски дејствија.
„Понекогаш солзите не течат, ама внатре врие. Секој ден има по едно „Што ако?“; „Зошто баш тој ден?“; „Зошто баш на нас ни се деси?“. Вината ја чувствуваме иако знаеме дека не е наша, но така е кога сакаме и кога чуваме некого. Секогаш ќе најдеш причина да се обвиниш, затоа што не успеавме да го заштитиме она што ни е најсвето. Плачот е во секој здив, во секоја мисла, секој момент кога се сеќаваме на него. И кога се насмевнувам пред другите, тоа е само маска. За да не ги плашам, бидејќи болката е тука, секој ден, секоја минута.“ – вели Розета.
За семејствата на загинатите освен болката по своите сакани, секојдневно ги измачуваат и безброј неодговорени прашања во врска со смртта на нивните најблиски:
„Одговори можеби некогаш ќе се најдат за ова што ни се случи, но совеста кога ќе ја изгубиш, нема враќање. Недостасува човечноста, едноставното признавање „Да, згрешивме“, недостасува барем едно искрено извинување, недостасува чувство дека некој таму горе во тие канцеларии има барем трошка срам и ќе сноси некаква одговорност. Дури и тие што се опфатени со обвинението, не се чувствуваат за виновни.“ – вели Розета.

Тие стравуваат дека со одолговлекувањето случајот ќе го загуби интересот на јавноста:
„Стравот е двоен. Прво, дека вистината ќе се скрие, ќе се свитка во некоја фиока и ќе се покрие со молк. И второ, дека времето ќе ги избрише нивните лица од сеќавањата на луѓето. Тоа е најстрашно, да поминуваш низ улица и да гледаш дека на некои веќе им станало предолго, дека за нив трагедијата е стара вест, но за нас тоа е секојдневие, цела вечност. Деновите ни минуваат чекајќи ја вистината и правдата.“ – додава таа.
Во Кочани, но и низ државата постои одреден отпор кон Маршот за ангелите кој секоја сабота се случува во Кочани. Розета потсетува дека тоа е марш од болка:
„Кога излегуваме на маршевите, бараме да се чуе вистината, да се чуе болката што не ја гледаат другите луѓе. Бараме правда, но бараме и почит и спрема нас и спрема децата на кои неправедно животот им беше одземен. Да се чуе дека секое дете има име и презиме, дека тоа не се само 63 деца, дека зад секое дете стои семејство кое секој ден умира повторно и повторно. Ние не излегуваме за политика, ниту за публицитет. Ние излегуваме затоа што тоа е нешто единствено што ни остана, гласот. Дури и на некои пароли е што ги имавме на маршевите, ние сме гласот на оние што не можат да зборуваат. Да не дозволиме тие да останат во сенка на меморијата во градот.“ – додава таа.

Освен семејствата и најблиските на загинатите, на маршевите учествуваат и луѓе кои не се директно поврзани со трагедијата:
„Некои се приклучуваат од сочувство, некои од совест, има луѓе кои доаѓаат тивко, без збор, со поглед полн солзи и тоа боли и лекува истовремено. Највредни се оние што останаа сеуште со нас. Иако тие се малумина, гледаме на маршовите дека излегуваат малку луѓе, каде е Кочани? Дали заради злобните коментари, дали се плашат за нивните работни позиции или не сакаат да си прават стресови. Ние никогаш не сме помислиле дека некогаш ќе се најдеме во оваа ситуација, и тоа сакаме да им го доловиме на другите, дека секој може да биде на нашето место.“ – подвлекува Розета.
Трагедијата во Пулс одзеде 63 животи, а дополнително часови по трагедијата од умор и тага на 41 година почина и возачот на итната медицинска помош Иле Гоцевски. Во трагедијата беа повредени вкупно 211 лица, од кои 147 со тешки телесни повреди.
(К.М.)





