(Видео) „Максо ќе го прави Куманово голем Париз, а Средорек мал Париз“ – Со еден клик за песна сите во ќар

Фото: Вангел Тануровски

Милиони евра од граѓаните се потрошија за реклама на локалните избори, кандидатите ги окупираа медиумите и социјалните мрежи и пак поголемиот дел од нив не ги добија посакуваните резултати.  Но, еден „клик“ без пари придонесе најспоменувано име за време на локалните избори да биде, веќе повторно, градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а  Гунеш Билали и Менсур Капетан направија песна и преку ноќ станаа ѕвезди, додека кумановската населба Средорек, стана најпозната во државава. Гунеш и Менсур, без потрошен еден денар успеаја во она што на многу пејачи со децениска кариера не им успева- да направат хит, што ќе го пее цела држава.

Социјалните медиуми со денови се преполни со разни видеа, што од орото со Димитриевски, пред првиот круг од изборите, што после изборите, но и разни монтажи кои сите се смеат.

Кога во петокот, ден пред молкот, ги посетивме во Средорек, тие не пречека на плоштадот, заедно со Самет Салиевски, нивниот преставник во советот на градот.

Гунеш е пејач, а го направил и текстот, додека Менсур  ја направил музиката. Покрај нив во песната за Максим Димитриевски се споменуваат Ивана Ѓоргиевска, носител на листа и Даниел, пратеник во Парламентот.  Но, песната е наменета најпрво за пречек на Димитриевски, кој требало да ги пости во Средорек  за отварање на штабот, па, велат,  сакале да го пречекаат весело.

-Знаевме дека Максим Димитиевски ќе дојде во Средорек и сакавме да направме нешто добро. И затоа е спомнат Самет Слиевски, Менсур Капетан, и Ивана Ѓоргиевска, претседател на Совет и пратеникот Даниел. Сакавме да им се заблагодариме за се што направија. А јас ги поздравувам сите мои фанови, кои ја слушаат и сакаат песната. Ги поздравувам и Ромите и Македонците  и сите, вели Ѓунеш Билали .

Ѓунеш Билали

Што се зборува во песната ни откри Салиевски.

-Во песната се повикуваат сите да гласаат за Максим, бидејќи тој е еден и голем човек. Затоа и во песната на почетокот се повикува народот и се вели: „Максим Димитриевски е еден и голем, еден и единствен, тој е најголем. Да ви кажам еден збор дека Максим Димитиевски е најголем во Куманово“. Потоа се споменуваат сите други, ме споменуваат мене, како човек од населбата кој помага на ромската заедница,но и Менсур Капетан, и тој дава голем допринос. Потоа се споменува и Даниел Стојчевски, кој е пратеник од Куманово и Ивана Георгиевска, носител на листа, која ни дава поддршка и соработуваме со неа во Советот. Не очекувавме дека песната ќе постигне ваква популарност иако  секогаш нешто правиме за избори. Оваа песна се случи така и се вклопи со народот. Ја слушаат и на Балкан и во Европа. А кога отвараме на Тик Ток песната постојано се врти. Сите  ја обожават и тоа ни е многу драго. Ние не ни очекувавме дека  песната вака ќе се слуша. Сакавме само да направивме митинг во Средорек и да го пречекаме градоначалникот. Но, не мислевме дека тоа така ќе одекне. Секогаш на било кои избори кога ќе дојдат во Средорек ние правиме нешто.  Имаме и други песни ама ништо од нив. Но, еве со оваа песна многу ни е драго што можевме да дадеме допринос за градоначалникот Максим Димитириевски.  Димитриевски си беше познат во Македонија, но сега со нашата песна стана познат во целиот свет. Уште повеќе стана популарен, вели Самет Салиовски.

Самет Салиевски

Тие велат дека оваа песна не е правена по нарачка, дека Димитриевски и самиот се изненадил кога дошол и кога ја слушнал.

-Тој и самиот се изненади кога дојде тука. Ни рече: „Што направивте“? Му рековме- еве те дочекавме со песна. Ромската заедница овој пат му даде голема поддршка. Затоа и тој рече: „Каде се Ромите таму е и благодетот. Вие сте многу среќен народ и се надевам дека ќе ми донесете среќа и на мене“. Многу го сакаме, ромската заедница многу го сака Димитриевски. Ние го поддржавме и првиот и вториот мандат,ама не направивме песна. Но, еве третиот пат излезе идејата од Менсур Капетан и Гунеш Билали и се случи чудо. Сите ја сакаат и сите ја слушаат и тоа навистина ни е мило. Песна ќе има само за Максим, тој е ромски градоначалник, го сакаме како да е Ром. Он си ги сака сите, он е градоначалник на сите ама ние Ромите го сакаме како да е наш. Нема пауза за него, нон стоп работи. Затоа за Максо ќе си го даваме гласот, да му возвратиме за тоа што направи за нас, вели Самет.

Според нив Максо, како што го нарекуваат во Куманово,  направил многу за Средорек.

-Како не направил, цела населба ја направи. Во првиот мандат целосно ја реновираше. Се е направено. Порано  Средорек беше населба во која пропаѓавме во кал, немаше канализација и водовод. Сега се има. Стана населба за пример во цела Македонија, како треба да личи една населба уредена со сите нишани. И не е само Средорек, и другите ромски населби се средени, вели Салиевски и додава дека не очекуват тој да им се оддолжи.

Менсур Капетан

-Не очекуваме лично да ни се оддолжи. Ние сакаме само да бидеме дел од него, да  не сака и почитува како луѓе, а се понатаму е негово како ќе се раздолжи со ромската населба,објасни Самет.

Со оглед на тоа што разговорот се водеше два дена пред изборите Билал, Менсур и Самет имаа одговор и што ако не победи, но и што ако победи на изборите Димитриевски.

-Ако не победи никому ништо. Ние си го сакаме, он ќе си остане наш, ќе си останеме пријатели. Ама ние сме убедени дека нема ништо да се смени и дека Максо  ќе си остане градоначалник. Тоа е сигурно. Ние си го рачунаме како наш брат,  како наш ромски градоначалник, велат тие и веднаш одговорија на, според нив, убавото прашање-што ако победи?

-Ако победи ќе има уште поголема поддршка. Тогаш ќе играме оро а може да направиме и нова песна иако и да напрвиме нова таа нема да биде толку популарна како оваа, велат тројцата.

„Ние Ромите сите сме музичари, тоа ни е во крв“, велат Гунеш и Менсур, но…?

-Максим ќе го задолжиме како градоначалник уште да работи, бидејќи тој  Куманово го прави како голем Париз. Тој си е вреден, работи и тоа е тоа, вели Менсур, а Самет го надополнува:

– Сигурни сме дека сега ќе победи, 100 посто. Куманово си го сака, тој работи не седи. Човек од збор е. Ние ромската заедница сме  многу задоволни. Живеевме во кал, без вода, без одвод. Сега ги имаме сите услови. Цела населба е осветлена како да сме мал Париз. Се е направено, вели Самет.

Гунеш пее, а Менсур свири гитара. Пеат и свират по свадби. Гунеш настапува и надвор, во Германија, Белгија, Франција. Досега има скоро 10 песни ама нема попопуларна од оваа иако, како што велат, имаат песни кои се познати кај ромската популација. А сега, после оваа популарност се надеваат дека ќе им се зголеми цената. Велат: „Ако даде Господ ќе се качи и цената“.

И додека го правевме разговорот, додека ја слушавме песната повторно се направи журка. Таков е Средорек, велат, секогаш весел.  

-Населбата Средорек во Куманово е најголемата ромска населба. Има 660 куќи со околу 3.500 Роми. А во цело Куманово им околу 7.500-8.000 Роми.  Има  големи куќи во Средорек, зашто голем дел има во дијаспората, има низ цел свет ама најголемиот дел се во Германија.   Младите инвестираат во убави и средени куќи. Нивните деца во Германија се многу образовани. Е сега прашање е како можеме таму, а овде не можеме. Таму Ромите ги почитуваат, ги имаат сите права, а тука не. Имаме проблем и со самиот систем на државава. Тешко е со 30.000 денари да школуваш пет деца. Затоа во Германија имаат факултети, а овде не може да учат. Во Средорек имаме осум млади со факултет. Се поправа сликата. Се разбуди свеста и кај Ромие. Порано децата не се школуваа,  не дававме нашите жени да работат туку да чуваат деца и да ги чуваат старите. Ама сега не е така,  сега работат и жените и децата и младите, сите работиме. Нам треба да ни се даде многу малку простор за да можеме да се докажеме во Куманово. Да бидеме дел од системот. Имаме деца со факултет, треба да им се даде да бидат раководители, директори, да се види дека можеме, вели Самет.

А зборовите во песната одат вака:

„Со еден збор ќе ви кажам јас,

во цело Куманово кој е најголемиот Максим Димитриевски,

нашите брќа да ги поддржиме, за нашите роднини тие се најголемата поддршка, Максим Димитриевси, Самет Салиевски, Менсур Капетан.

Нашиот пратеник е Даниел од Парламент. А нашата претседателка е Ивана Ѓеоргиевска, носител на листа….

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ