Новоизбраниот градоначалник на Кочани, Владко Грозданов, кој во случајот Пулс е во својство на оштетен, како татко на девојче со тешки телесни повреди, пред четири дена бил фотографиран со уште еден обвинет за пожарот во дискотеката.
Здружението на семејствата на загинатите „16-ти март 2025“ до редакцијата на Канал 77 доставија фотографија на која се сликани Владко Грозданов и градежниот инспектор Николчо Гоцев, кој е меѓу 34-та обвинети за случајот.
Како што информираат од здружението, денеска писмено ќе ги известат судот и обвинителството и за овој случај.
За претходниот случај, судот и обвинителството молчат. Тогаш Владко Грозданов се најде во кафеана во Кочани со обвинетиот Ратко Димитровски на 18-ти октомври, за време на Маршот за ангелите, при што настана инцидент, кога група родители влегоа во угостителскиот објект и вербално се соочија со двајцата, посочувајќи им дека според мерките на претпазливост од судот за Ратко Димитровски, тие не смеат да се среќаваат и да комуницираат на ниту еден начин додека траат мерките.
„Во прилог е нашето барање од 21.10.2025 г., кое го поднесовме до ОЈО КОЧАНИ, ОЈО СКОПЈЕ И ОСНОВЕН КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕ. До ден денес немаме никаков повратен одговор.“ – велат кратко од здружението.
Од здружението нагласуваат дека нивните забелешки не се на никој начин политички мотивирани и дека тие немаат ништо против партиски или политички средби, но подвлекуваат дека имаат против незаконски средби помеѓу оштетен и обвинет, без разлика на општествената, политичката или било која улога во која тие лица се наоѓаат во моментот.






