Поранешниот министер за локална самоуправа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во владата на Љубчо Георгиевски, Џевдет Насуфи од Струга, е лицето кое го пријавило директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стојлев, за земање мито – неофицијално дознава порталот Фокус.
Според информациите, во случајот е вмешан и друг вработен во Агенцијата, близок до сегашниот директор, за кого се сомнева дека бил посредник во целата приказна. Извори на весникот тврдат дека досега се уапсени четири лица, но постои можност да има уште апсења.
Според неофицијални податоци, станува збор за значителна сума пари, додека акцијата е спроведена по пријава дека Стојлев побарал и примил мито од барател за да му овозможи да добие договор за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД. Откако е поднесена жалбата до Министерството за внатрешни работи, на барателот му биле врачени обележани банкноти, со чија помош директорот бил фатен во моментот на примање на парите.





