Избрав да не зборувам за планови, туку за луѓе. За едно мало дете со големо срце. За една мала насмевка што вреди повеќе од сите говори, вели старо-новиот градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој својот втор мандат реши да го почне со добротворна акција.
Митовски уште пред избори сам на себе си ветил дека без оглед на резултатот на изборите, на малиот Атанас од Крива Паланка ќе му направи санитарен јазол, за да му ја олесни хигиената. За тоа си ветил, а веќе и го исполнува, првата градоначалничка плата ќе ја потроши за него.
-Нема ништо поубаво од детска насмевка. Малиот Атанас има вроден хендикеп, во инвалидска количка е детето. Уште пред избори ми се обратија и побараа да помогнам да се направи санитарен јазол за него. Без санитарен јазол многу тешко може да ја одржуват хигиената. Живеат во многу лоши услови. Но, бидејќи беше пред избори, не сакав тоа да се поврзе поинаку и им ветив дека кога ќе завршат изборите, без оглед на резултатот јас ќе им помогнам. Бидејќи изградба на санитарен јазол за нив е приоритет, јас не сакав да се чека, па затоа одлучив првата плата од новиот мандат да ја потрошам за нив. Дел од материјалите се веќе однесени, уште нешто недостасува и ќе се почне со работа, вели Митовски и додава:
-Сакам да испратам порака дека нашите мандати се дадени од луѓето и треба да се помогне. А и да не е мандат, сепак, луѓе сме и треба да си помагаме. Човечноста треба да биде пред се. Реков и пак ќе речам, функцијата не го прави човекот, човекот ја прави функцијата. Јас то навистина го мислам. Јас и првиот мандат го почнав вака, со донација за помош на дете, вели градоначалникот.
Митовски е еден од градоначалниците кои во претходниот мандат доби најмногу пофалби од граѓаните, особено кога станува збор за чистотоата во Крива Паланка. Цела држава зборуваше за тоа што Крива Паланка се издвои од сите градови како чист и убаво среден град. Особено како најубаво среден град за Нова Година.
Митовски и овој пат ветува дека за Крива Паланка ќе се зборува само за убави работи.
-Градот ќе се украсува секоја година се поубаво и поубаво. Оваа година сакам заедно со цел град да ја светнеме новогодишната елка. Доаѓаат празници, кога треба да биде весело во секој дом, вели тој.




