Вкупно 15 обвинители ќе го застапуваат обвинението за Пулс

Фото: МИА

Вкупно 15 обвинители ќе го застапуваат обвинението за пожарот во дискотеката Пулс, во кој загинаа 63 лица, а 211 лица беа повредени, од кои 147 беа тешко повредени.

„Во судница ќе го застапуваат обвинението истите обвинители што беа и досега. Морам да нагласам дека вчера имавме состанок, најверојатно уште неколку обвинители ќе ангажираме имајќи предвид, да не се отежне односно да не се наруши постапката на другите обвинители, што имаат други предмети, што значи дека можеби не секогаш ќе присуствуваат сите обвинители. Меѓутоа секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага по, да не речам, вина на Обвинителството“ – изјави Коцевски, одговарајќи на новинарски прашања пред вчерашната седница на Советот на јавни обвинители.

Во однос на истрагите за полициските службеници и инспекторите на УЈП, Коцевски посочи дека сеуште траат истрагите:

„Истрагата за полициските службеници, во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, беше предвидено да заврши до крајот на септември годинава, меѓутоа имаше објективни околности околу сослушување на одредени сведоци, со тоа што најверојатно на почетокот на наредниот месец ќе се донесе и јавнообвинителска одлука. Во однос на предистрагата за службениците од УЈП, Коцевски рече дека се води предистражна постапка во ОЈО Кочани и надлежниот јавен обвинител дал одредени напатствија и наредби за преземање на надлежните органи на одредени процесни дејствија.

– Во тој дел не можеме сѐ уште ништо да кажеме повеќе – додаде Коцевски.

Во меѓувреме Хелсиншкиот комитет за човекови права се произнесе за судењето кое треба да започне на 19 ноември:

„Во обвинението се опфатени 34 физички и три правни лица, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во компании поврзани со ноќниот клуб.

Хелсиншкиот комитет потсетува дека должината на постапките за тешки кривични дела претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одложување ја продлабочува болката на семејствата и ја поткопува довербата на граѓаните во институциите.

Комитетот ги повикува судските власти да обезбедат јавно, фер и непристрасно судење, целосна одговорност за сите оние кои, со своите постапки или пропусти, придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства за време на процесот“, велат тие.

Комитетот ја изразува својата поддршка за семејствата на починатите кои на 15 ноември (сабота) најавија Марш за правда во Скопје, кој ќе започне на плоштадот „Македонија“, а потоа, низ Собранието, ќе заврши кај Основниот кривичен суд.

Граѓанскиот активизам и мирните протести се легитимни форми на изразување незадоволство и потсетник дека правдата не треба да се одложува. Таа треба да им биде достапна на сите, без оглед на позицијата и влијанието на обвинетите“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ