Пасел овци и го удрило гром, највреден работник е, а треба и невеста да си најде! Кој е Горан Узунски кој лета со машата низ Делчево?

Фото: Фејсбук

На денот кога ја презеде функцијата новиот грдоначалник на Делчево, Иван Гоцевски прво што направи е што му даде благодарница на Горан Узунски,  еден од најдобрите работници во ЈКП „Брегалница“  за неговата посветена работа и вети дека првата градоначалничка плата нему ќе му ја донира. Узунски со радост и солзи во очите ја прими благодарницата, а градоначалникот си остана доследен на ветеното.

Што толку направил Горан од Трботивиште за да ја заслужи оваа благодарница и да стане омилениот работник на делчевчани, кои со полна уста го фалат? Канал77 се обрати до градоначалникот, кој веднаш рече: „Требаше порано да му дадат награда, требаше да ја добие највисоката општинска награда „7 Септември“, но не му ја дадоа, беше многу разочаран и јас ја исправив грешката“’.

Гоцевски вели дека да не е Горан,  Делчево ќе потоне во ѓубре.

-Буквално е така. Овој човек да не е ќе потонеме во ѓубре во градот. Работи во ЈП„Брегалница“ и секој ден можете да го видите како лета со „машата“ низ град. Се што е средено по центарот се е по негова заслуга. Јас му ветив дека ќе ја исправам неправдата кон него и си стоев на зборот. Беше пресреќен. На првиот работен ден ги повикав сите вработни во Оштината и од противпожарната единица и го изненадивме. Му дадов благодарница, а ќе му ја донирам и првата плата.  Мојата плата ќе му послужи за санација на неговата куќа. Ќе му ги купам материјалите. Тој навистина заслужи, вели Гоцевски и додава:

Фото: Општина Делчево

-Откако му ја дадов благодарницата слушнав различни муабети низ градот, дека сме биле од иста политичка партија, па затоа сум го наградил. Но, не е така. Тој не е политички определен како и јас, можеби не ни гласал за мене на изборите ама тоа воопшто не е важно. Негова желба е за кого ќе гласа. Важно е што навистина е вреден човек. Навистина заслужува.  Тој е добар човек. Минатиот пат ми се јави и вели: „Може ли градоначалник да ми дозволиш јас после работа да останам во Трботивиште да го соберам сметот, многу ѓубре има“.  Значи се се само злобни јазици и може да најдат маана каква сакаат ама човекот е навистина за -браво! И сето ова што го направив го направив од човечки аспект, вели Гоцевски, новиот градоначалник на Делчево.

Но, кој е Горан Узунски, за кого велат дека е човек- ресткост во денешно време? Од каде толку голема желба за работа? Одговорот на сите прашања го дава неговиот живот..

Горан потекнува од селото Трботивиште, татко му одгледувал овци, а мајка му била домаќинка. Учел две средни школи во Велес,  хемиско и информатика во „Борис Кидрич“ и „Кочо Рацин“. И не дека не можел да си најде работа по струката ама морал да се врати дома и да му помага на татко му.  Биле двајца браќа и две сестри, но по смртта на брат му и татко му тој ги превзел сите семејни обврски. Во меѓувреме мајка му добила удар, подоцна на три места си ја скршила ногата, а неговите две сестри се мажени и си имаат свои семејни обврски, па затоа Горан откако ќе се разбуди додека да заспие нон стоп работи.  Но, е многу скромен.  

-Вреден сум така велат. Требаше да ме награди претходниот градоначалник ама ете овој ме испочитува. Велат дека ќе ја одвоел првата плата ама јас тоа не знам, тој си знае. Убаво ми е кога го гледам Делчево чисто. Па јас и дома чистам. Се сам правам.  А се радувам што ме вработија, а штом ме вработија, ми дадоа решение, мора да да работам, вели Горан и додава:

-Чистам, секој ден чистам. Контејнерите се празни, а  ѓубрето е покрај контејнерите, не знам зошто така прават луѓето. Чистам и во село кај мене. Селото е далеку девет километри од Делчево и со такси одам на работа, бидејќи немам друг превоз. Порано кога поминуваше беровскиот автобус се возевме ама сега нема и мораме со такси. Братучед ми ми помогна да се хранам без пари во ресторанот„Кај Глумата“ и фала им многу, раскажа Горан.

Тој долго време чувал овци и му помагал на татко му. Но, подоцна кога починале брат му и татко му, кога мајка му добила удар и паднала и скршила нога и се движи со помагала,  морал да се откаже од овците и да се  грижи за неа.  Вели дека мора да се грижи за мајка му и му се заблагодарува на Бога што го оставил жив, кога пасејќи ги овците во него удрило гром.

-Тоа Господ треба да се праша како се случи, јас не знам. Знам само дека ги пасев овците и почна да грми. Јас бев засолнет под дрво, поточно под слива. Кога ме удри громот, едната рака ми беше фатена, па ме најде еден човек и ми помогна. Со автомобилот ме однесе во Делчево во болницa, па потоа лежев во болница во Штип. Ама ете Бог ме врати за да им помагам на луѓето, вели тој.

Горан е роден во 1972 година, не е женет.

-Денешните млади не сакаат да се женат. Па и ако се оженат после некој месец се разведуваат. Знам, дека треба да се оженам.  Како рекол Господ така ќе биде. Фала му на Бога што јас имам плата, мајка ми има пензиичка и се снаоѓаме колку толку. Но, мора да се штеди што да се прави. Јас само за превоз давам 2.200, па јадење за дома купувам, па сметки плќам и се друго. А се е скапо, ни рече на крај.

Кога Канал 77 му посака побрзо да си најде невеста тој се насмеа и рече:

„Фала ви, ако даде Господ ќе биде и тоа“…

В.М.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ