„Место да биде одјавена на денот на 62. роденден, ,,газдата” ја одјавил 5 дена претходно, за да ја избегне обврската да ù исплати отпремнина! Ова е сведоштво на конфекциска работничка со 30 – годишен стаж од кој 10 години во последнава фирма, без ден отсуство, без ден боледување, секоја година со користен колективен одмор од 10 дена без право на доискористување на остатокот од одморот – впрочем, како и во повеќето конфекциски фирми.“ – велат од АФЖ на Левица, посочувајќи на вообичаена измама од страна на многу работодавачи.
„Зошто Законот го дозволува тоа? Зошто газдите се лакоми баш за парите за отпремнина? Каде е човечноста, каде е емпатијата, каде е системот што треба да го штити работникот?“ – прашуваат од АФЖ на Левица.
Од Левица велат дека нивни извори од АВРМ велат дека ова е пречеста пракса во последно време – „доказ дека на газдите никој ништо не им може, работникот нема кој да го заштити, a системот е во распад“ – велат во нивното соопштение.
„Честито пензионирање, силна жено! Примаш честитки со насмев на лице, а во грлото – кнедла. Таа грутка и во нашите грла стои, па затоа зборуваме гласно!
Оваа неправда мора да се исправи!
Не смее да се повторува!
Од АФЖ – Левица апелираме час поскоро да се санира таа ,,дупка во Законот” и работникот да биде спокоен барем во деновите пред да се пензионира, оти и онака цел живот трпи терор од системот, од газдите, од државата! Секој работник заслужува да ги дочека своите пензионерски денови со достоинство, а не со понижување.
АФЖ Левица стои на страната на жените – работнички и секоја ваква неправда ќе ја обелоденува, ќе говори гласно, ќе апелира и ќе се труди да обезбеди правна поддршка за секоја жена што ќе биде неправедно оштетена!
Борбата за работничките права е децениска и вековна борба во која рамо до рамо со обесправените стоиме ние!“ – се вели во соопштението од АФЖ Левица.




