Современа технологија и квалитетна услуга. Врвна хигиена, ефикасност, посебен пристап за лица со попреченост и pet friendly. Штипјани од 22 ноември ќе можат да користат нов тип на такси-превоз, кој целосно ќе се базира на електрични автомобили.
На самиот почеток ќе сообраќаат 30 возила, а кон крајот на годината се очекува бројот на возила да се прошири на 50 автомобили. Со порастот на бројот на возила ќе се зголеми и тимот што ќе ја опслужува услугата.
Никола Пуздерлиски, кој го претстави проектот, објасни дека целата опрема е нова, вклучувајќи ги и батериите и безбедносните системи.
„Инвестираме во електричен автопарк кој нуди удобност и сигурност. Големото претставување ќе го одржиме на 22 ноември на плоштадот во Штип. Моментално имаме околу 70 вработени, а дополнителните возила што ги очекуваме до Нова година ќе го зголемат и бројот на кадар“, изјави тој.
Услугата ќе биде достапна без прекин – 24 часа во текот на целиот ден. Граѓаните ќе можат да повикаат такси преку скратениот број 13 101, преку два мобилни броеви или преку мобилната апликација, која овозможува и онлајн плаќање. На овој начин се избегнуваат доцнења во ноќните часови и проблеми со наплата.
Пуздерлиски додаде дека ќе има доволно возила за да се покрие цел град, без оглед на периодот од денот.
Покрај пуштањето на услугата, се уредува и простор на самиот влез во населбата Баби, каде што ќе бидат сместени полначите за возилата – 16 стандардни и два брзи. Таму ќе функционира и соларна електрана со инсталирана моќност од еден мегават, која ќе обезбедува околу 250 киловати сопствено производство на електрична енергија. Локацијата ќе биде достапна и за граѓани кои поседуваат свои електрични автомобили.
Компанијата ги покани жителите на Штип на промотивниот настан на 22 ноември, каде што присутните ќе можат да ги разгледаат возилата, да се информираат за начинот на користење на апликацијата и да направат кратко пробно возење.














