„Случајна смрт на еден анархист” од нобеловецот Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска својата премиера ја има вечерва во Народниот театар од Штип. Се работи за сатирично дело од современата драматургија, коешто иронично ја претставува реалноста на манипулација на вистината и воопшто манипулација во општеството. Режисерката Ангеловска зборувајќи за претставата рече дека отвара многу прашања – од намерната манипулација на вистината до односот на власта со граѓаните.
-Тоа е претстава што се занимава со истражување на вистината, со истражување на перцепцијата за вистината, со манипулацијата на власта со граѓаните, со медиумите. Се обидовме да отвориме прашања за тоа како се креираат тие вистини или се провлекуваат официјални приказни на општествено ниво и се надевам дека тоа успеавме да го направиме. Станува збор за еден сатиричен текст, еден од најпознатите и најдобрите на современото општество и беше многу важно да се отвори оваа тема денес, кај нас, рече Ангеловска на денешната прес конференција.
Италијански драматург, актер и режисер Дарио Фо , добитник на Нобеловата награда за литература во 1997 година, е познат е по своите сатирични и политички ангажирани дела кои ја критикуваат корупцијата, моќта и социјалните неправди.
Во претставата играат актерите на Штипскиот театар – Марија Минчева Андонов, Ефтим Трајчов Гаурски, Милорад Ангелов, Ава Хусеини, Никола Кузелов и Стефанија Митовска.
Актерката Минчева Андонова ја игра улогата на началникот – машки лик, што како што рече бил голем предизвик за неа да го донесе на сцената.
Актерот Ефтим Трајчов Гаурски додаде дека за него делот на Фо, „Случајна смрт на еден анархист” е одамна посакуван тескт за игра. На сцената на Штипсскиот театар делото го донесуваат на забавен, комичен начин.
-Пред 55 години, делото одекнало многу, како бомба, вели ова е вистинската бомба – она што се случува зад вратите. Се поставува на многу забавен начин, тоа е комедија, која ќе кореспондира со секој од нас. Секој го живее тоа секојдневите ,каде битно е да се каже втората верзија на витсината, битно е да ги посочиме ние ,како тетар, кој е огледало на општеството, рече Трајчов Гаурски.
Оваа екипа по втор пат соработува со режисерката Ивана Ангеловска, која ја постави претставата „Возможни светови“, која наиде на одлучен прием и кај публиката и кај критиката.
Новата премиера, од Тетарот ја најавуваат како понуда на едно капитално светско дело, со што оваа културна институција ги следи современите театарски текови.
По вечерашната премиера, следна изведба на претставата „Случајна смрт на еден анархист“ е закажана за во вторник, 18 ноември.




